Нобеловата награда на рускиот новинар Муратов продадена за 103 милиони евра за помош на украинските деца бегалци

Нобеловата награда за мир која рускиот новинар Димитри Муратов ја стави на аукција за да подигне пари за украинските деца бегалци е продадена за 103,5 милиони долари, што претставува рекордна сума за продажба на оваа награда.

„Се надевав дека ќе постигне голема сума поради солидарност, но не очекував олку голема цифра“, изјави Муратов по продажбата која се случи на Светскиот ден на бегалците.

Претходно најголемата сума за медалот од Нобеловата награда беше постигната во 2014, кога Џејмс Вотсон, кој беше еден од научниците кои ја открија структурата на ДНК, ја продаде својата награда за 4,76 милиони долари.

Муратов кој наградата ја доби во октомври 2021 година е еден од основачите на независниот руски весник Новаја Газета и беше главен уредник на публикацијата до нејзиното затворање во март оваа година кога власта во Русија започна да ги затвора медиумите и новинарите по руската инвазија врз Украина.

Заработката на Муратов ќе оди директно во УНИЦЕФ кои помагаат на децата раселени од војната во Украина. Според него целта на донацијата е „да им се даде шанса за иднина на децата бегалци“.

Наградата била продадена на анонимен купувач кој на аукцијата лицитирал телефонски. Настанот бил проследен со бројни аплаузи додека заинтересираните наддавале се` повисоки суми со намера да се зголеми конечната сума по која ќе се купи Нобеловата награда.

Запрашан зошто ги избрал токму УНИЦЕФ за донирање на средствата Муратов истакнал дека му е особено важно што организацијата не припаѓа на ниту една влада и дека работи без граници.

Муратов минатата година ја доби Нобеловата награда заедно со филипинската новинарка Мариа Реса. Двајцата ги добија признанијата поради нивните напори да ја заштитат слободата на говорот и покрај многубројните напади и закани врз нив.

Муратов беше жесток критичар на руската анексија на Крим во 2014 година, како и за војната која започна во февруари која придонесе преку 5 милиони Украинци да ја напуштат земјата поради сопствената безбедност, создавајќи ја најголемата хуманитарна криза во Европа по Втората светска војна.