Сведоштво од Днипро: „Се плашам, но и сум инспирирана од единството на нашата нација“

Валерииа Малашенко има само 21 година, а веќе е дел од разни волонтерски активности за помош на нејзините украински сограѓани кои беа погодени од руската инвазија што започна пред повеќе од две недели.

Таа живее во Днипро, град во централниот дел на Украина. Овде пред само три дена, руски вооружени сили извршија ракетни напади врз станбени области и цивилна инфраструктура, при што беа оштетени станбена зграда, регионалната миграциска служба и зградата на регионалната администрација, а едно лице загина.

„Додека го пишувам овој одговор, мирниот живот овде веќе не е толку мирен“, раскажуваа таа за Радио МОФ.

Малашенко е дипломец по германска филологија и моментално работи како дебатен тренер и проект-менаџер во невладината организација Нова визија. Пред да се случи нападот во Днипро, нејзината рутина, па и на речиси сите луѓе што ги познава, изгледала вака:

Днипро

„Станување, проверка на вестите и проверка на моите пријатели во Днипро и други градови. Споделување информации за руските воени злосторства, подигање на свеста на социјалните мрежи. Ажурирање на веб-страниците на нашите локални волонтерски иницијативи, проверка дали има некоја работа да се направи или некои предмети за купување. Ако слушнам сирени за воздушен напад, одам до ходникот во мојот стан бидејќи немам засолништа за бомби во близина“, објаснува Малашенко.

Невладината организација во која работи е членка на Меѓународната асоцијација за дебатно образование (ИДЕА), со која постојано одржуваат контакт и веќе започнале со собирање средства за помош на цивилите, бегалците и болниците во Украина преку онлајн кампања.

„Странците би можеле многу да ни помогнат не само со донирање, тие би можеле и да се приклучат на протестите, да влијаат на нивните власти директно обраќајќи им се или користејќи медиумски извори, потпишувајќи петиции со цел да се изолира Русија и да престане да ја финансира оваа војна. Светските лидери треба да воведат ембарго на сè што извезува Русија, пред сè на нафта“, апелира Малашенко.

Сите граѓани волонтираат

За да бидат во тек со новостите, Малашенко и нејзините врсници ги користат Телеграм каналите кои пренесуваат информации од официјални извори.

„Сите единици на украинските вооружени сили имаат профили на социјалните мрежи, па затоа е навистина лесно да се ажурираат. Освен тоа, од 2014 година живееме во состојба на хибридна војна, па веќе знаеме да разликуваме доверливи извори на информации“, вели таа.

Малашенко вели дека не очекувала ситуацијата да ескалира до ова ниво, но сега, посочи таа, Украинците се обидуваат да останат смирени. Заедно со своите врсници се трудат да бидат зафатени со нешто корисно како волонтирање, споделување вести или со нешто пријатно како средба или разговор со пријателите. Исто така, многу бизниси продолжуваат да работат во областите каде што е безбедно, истакна младата активистка.

„Се разбира, се плашам, но истовремено и сум инспирирана од нивото на единство и достоинство што го покажува нашата нација. Во мојот град, банките за крв беа полни на третиот ден од војната. Територијалните одбранбени сили се целосно екипирани, Днипро е домаќин на многу бегалци. Сите граѓани некако волонтираат: евакуираат луѓе од жариштата, купуваат и испраќаат хуманитарни материјали итн. Спектарот е огромен, на пример јас и моите пријатели ги посетивме курсевите за прва помош организирани од волонтери бесплатно“, вели таа.

Откако започнала руската инвазија врз Украина, Малашенко добила бројни понуди за мигрирање во Германија, каде веќе живеела две години. Таа е благодарна за нив, но не сака да го напушти својот град бидејќи сака да продолжи да помага преку организацијата во која работи.

„Се чувствувам подобро кога можам да придонесам за нашата заедничка цел – територијален интегритет и мир“, вели таа.

Таа признава дека нема многу пријатели од Русија, но оние што ги има се против како што вели, политиката и војната на Путин.

Малашенко ги повикува луѓето да не дозволат да се заборави руско-украинскиот конфликт, туку да разговараат со своите најблиски и нивните власти.

„Останете силни и информирани за да ни помогнете да победиме!“, порача таа.

Исто така, ја повика јавноста да помогне на Украина на разни начини преку веб-страницата достапна на следниот ЛИНК.

Емилија Петреска

Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.