ОН: Преку 3 милиони бегалци ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија

Повеќе од 3 милиони бегалци досега ја напуштиле Украина од почетокот на руската воена инвазија, соопштија од Меѓународната организација за миграција (ИОМ) при Обединетите Нации (ОН).

Најголем дел од украинските бегалци се упатуваат во Полска, а голема е и бројката на оние кои бараат засолниште од војната во Унгарија, Молдавија, Словачка и други европски држави. Дел од бегалците заминуваат и за Русија.

„Пристапот до заедниците кои се најпогодени од конфликтот, како тие во Мариопол и Харков, останува многу ограничен поради постојаните воени активности и зголеменото присуство на мини, со што секојдневно се влошуваат хуманитарните потреби“, изјави портпаролот на УНХЦР, Шабиа Манту.

Според УНХЦР се работи за најбрзорастечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна.

Утрово во украинскиот главен град Киев во гранатирање била погодена 15-катна станбена зграда која предизвикала пожар. Според итните служби две лица го загубиле животот во нападот. Од експлозијата бил оштетен и влезот во метро станицата кој се користи како скривница од бомбардирањето.

Градоначалникот Витали Кличко информираше дека од вечерва ќе биде воведен 36-часовен полициски час поради ситуацијата.

„Ги повикувам сите жители на Киев да се подготват да останат дома два дена, или, доколку сирените започнат да свират да се упатат во засолништата“, вели Кличко.

Со цел да се покаже европската солидарност со Украина, денеска во Киев треба да пристигнат полскиот, чешкиот и словенечкиот премиер кои ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски.