Онлајн петиција улицата пред Руската амбасада во Скопје да се преименува во „Украинска“

Граѓаните од Северна Македонија од вчера имаат можност да се приклучат на глобалната кампања каде преку онлајн петиции се бара менување на имињата на улиците на кои се наоѓаат руските амбасади низ државите од светот како поддршка за украинските граѓани.

Руската амбасада во Скопје во моментов се наоѓа на улицата „Пиринска“, а преку петицијата би требало да се поттикнат градските власти улицата да се преименува во „Украинска“.

„Живеејќи далеку од Украина понекогаш е тешко да се открие начинот на кој може да се пружи поддршка на народот врз кој е извршена инвазија. Сепак, има едно нешто кое може да се направи, а тоа е да се поддржи кампањата за преименување на улицата Пиринска во улица Украинска. Ова е мал но многу значаен акт на симболична поддршка за храбриот украински народ, кој ги брани вредностите на слобода и демократија од втората најмоќна воена сила во светот“, пишува во онлајн петицијата.

Повеќе градови од светот, но и во соседството веќе ги преименуваа улиците на кои се наоѓаат руските претставништва во земјата.  веќе се приклучија на глобалната коалиција. Властите во Вилнус, Литванија ја преименуваа улицата пред руската амбасада во улица „Украински херои“, Рига во Латвија го смени името во улица „Независна Украина“, а Осло во Норвешка го смени името на плоштадот пред амбасадата во „Украински Плоштад“. Од окружувањето, Тирана во Албанија го преименува делот од улицата на која се наоѓа Руската амбасада во улица „Слободна Украина“. Во меѓувреме и жителите на Варшава, Вашингтон, Копенхаген и Даблин имаат доставено предлози до градските совети за преименување на улиците и плоштадите пред руските амбасади.

„Ова би бил симболичен чин на поддршка за украинскиот народ, кој ја брани својата независност во војната што ја започна Русија. Кампањата „улица Украинска“ го повикува целиот свет да ја направи Украина дел од нејзините главни градови и тие ја гледаат оваа иницијатива како многу моќен начин да одговорат на обидите на Русија и Владимир Путин ефикасно да ја поништат Украина и украинската култура“, напишаа од Амбасадата на Украина во Северна Македонија на социјалните мрежи и ги повикаа граѓаните да учествуваат во петицијата.

Интернет страницата на кампањата содржи линкови до петиции за преименување на улиците со руските амбасади и конзулати во 33 земји во светот.

Петицијата за Скопје може да ја најдете на следниов ЛИНК.