Бројот на цивилни жртви во Украина е најмалку 8.500 – од ОН сметаат дека е „значително поголем“

Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН (ОХХР) соопшти дека речиси 8.500 цивили загинале откако Русија започна со инвазија на Украина минатата година, и верува дека билансот може да биде поголем за илјадници лица, јавува Радио Слободна Европа.

Во ажурираниот извештај објавен на 11 април, ОХХР соопшти дека 8.490 цивили се убиени, а 14.244 се повредени откако Русија ја започна инвазијата на 24 февруари 2022 година, заклучно со 9 април 2023 година.

Оттаму веруваат дека вистинските бројки се значително повисоки, поради недостапни податоци од некои локации, додека во меѓувреме се чека потврда за многу други извештаи.

„Ова се однесува на пример за Мариупол (во регионот Доњецк), Лисичанск, Попасна и Северодоњецк (вп регионот Луганск), каде што има наводи за бројни цивилни жртви“, додадоа од ОХХР.

Во соопштението се вели дека вкупно 18.280 жртви – 6.596 убиени и 11.684 повредени имало на територија контролирана од владата на Украина која била нападната од руските сили. Дополнително, 4.454 жртви – 1.894 загинати и 2.560 повредени имало на украинска територија окупирана од Русија.