„The Local Blue“ во петок ќе свират во „Jazzy“ 

„Момците од ‘The Local Blue’ безбедно слетаа на планетата земја. Овој петок, во прекрасната атмосфера на ‘Jazzy’ ќе имате прилика да присуствувате на едно поинакво аудио-визуелно патување кон вселената“.

Вака стои најавата за новата свирка на „The Local Blue“ во скопскиот „Jazzy“, каде во петок (15 март) од 22 часот на бендот ќе му се приклучи и саксофонистот Нинослав Спировски.

„The Local Blue“ главно се состои од триото Кристијан Новковски (тапани), Панде Ефтимов (бас) и Кристијан Савиќ (гитара). На своите свирки „The Local Blue“ аудиториумот го носат на уникатно, психоделично, вселенско патување, најчесто импровизирајќи меѓу спејс рок, краутрок, стонер и експериментален рок.

Сепак, нивниот звук не може да се категоризира низ секојдневните вибрации и жанрови. Напротив, како што самите рекоа, динамиката и текстурата во звукот на „The Local Blue“ претставува цврста основа за креирање недекојдневни и уникатни звуци кои се филтрираат преку кохезивноста на инструменталистите.