Сонично крстарење со „The Local Blue“ во „Jazzy“

Во „Jazzy Music Club“ оваа вечер (сабота, 3 декември) посетителите ќе имаат прилика повторно да се впуштат во авантура со редовни музички магови „The Local Blue“.

„Дозволете си крстарење низ непознати и очудувачки сонични предели кои не загадуваат и не предизвикуваат морска болест. Ексклузивна пловидба со авторска музика во живо!“, стои во најавата.

Local Blue“ e инструментален психоделичен рок состав, кој досега има издадено два албума „Project Blue Beam“ и „2nd Landing“, a дечките објавија и еден снимен во живо – „Live at Kanal 103“. На триото Панде Ефтимов (бас), Кристијан Новковски (тапани) и Кристијан Савиќ (гитара) во изминатава година-две им се приклучи и Кети Танчева на теремин, што донесе дополнителен спејс-слој на целата звучна слика.

На своите свирки „The Local Blue“ аудиториумот го носат на уникатно, психоделично, вселенско патување, најчесто импровизирајќи меѓу спејс рок, краутрок, стонер и експериментален рок. Сепак, нивниот звук не може да се категоризира низ секојдневните вибрации и жанрови. Напротив, како што самите велат, динамиката и текстурата во звукот на „The Local Blue“ претставува цврста основа за креирање недекојдневни и уникатни звуци кои се филтрираат преку кохезивноста на инструменталистите.