Концертен серијал „Beverly Hills во А-MOLL, Vol.1“ во „Jazzy“

На 25-ти и 26-ти февруари, како и 4-ти и 5-ти март, со почеток од 21 часот во ентериерот на „Jazzy“ , 14 музичари од предоминантна џез провениенција, ќе се впуштат во реализација на 4-дневен концертен серијал на слободна и импровизирана музика, од сите нешта на светот, посветен на T.Ц Беверли Хилс.

„Зошто баш Т.Ц Беверли Хилс како муза? Можеби поради тоа што Jazzy e веднаш до него. Или бидејќи беше неопходно некако да ја артикулираме носталгијата по времињата кога тие објекти беа познати како Трговски Центри, не како Молови. Бидејќи има слаткарница, пар кладилници, казино и саатчија? Кој да знае“, се вели во најавата за настанот.

Учествуваат: Владан Дробицки (тромбон); Андреа Мирческа (контрабас); Васко Бојаџиски (тенор/алт саксофон); Благојче Томевски (бас/Bb кларинет); Бојан Петков (гитара); Љубомир Стојсавлевиќ (бас); Дени Омерагиќ (контрабас); Драган Теодосиев (тапани); Јордан Костов (хармоника); Нинослав Спировски (тенор саксофон); Петар Христов (сопран/тенор саксофон); Славчо Коцев (тапани); Панче Бујуклиев (клавијатури); Филип Букршлиев (гитара).

Организаторите објаснуваат дека форматот е следниот: Филип Букршлиев го има на сите 4 концерти. Секоја вечер го придружуваат различни музичари. Нема лидер, нема план, нема насока, нема композиции. Само звук, музика за трговски центар. Прикладно, сите концерти ќе бидат снимени и поместени на носач на звук.

Vol.1 од Beverly Hills во A-moll ќе се одржи на 25-ти и 26-ти Февруари (петок и сабота). Во петокот, на 25-ти, формацијата ќе ја сочинуваат Владан Дробицки, Љубомир Стојсавлевиќ и Драган Теодосиев. Во саботата, 26-ти: Бојан Петков, Андреа Мирческа и Панче Бујуклиев

„Плакатите за овој серијал ќе содржат архивски материјали превземени од Ранчо Христов, авторот на архитектонскиот проект за Т.Ц Беверли Хилс“, се вели во соопштението за настаните.