„Танц на рацете“ – изложба на Сергеј Андреевски

Вечерва (сабота, 14 октомври) во 20 часот, во галеријата Акантус, ќе биде отворена самостојната изложба на академскиот сликар Сергеј Андреевски, „Танц на рацете“ во сабота.

Марина Лешкова, куратор на изложбата вели: „Пред нас се делата на Сергеј Андреевски кои ја носат пресудната улога во неговото творештво, а тоа се доживеаните спомени од детството. Во сликите целиот опус се нанижува во една логична нитка, матрица пренесена од неговите древни претци на македонското поднебје. Каде и да е тој е дома, сликите се неговиот дом.

Авторот е доблестна творечка енергија во која ритуалот на сликање со раце има магична моќ, која нè внесува во нерамнините на почвата на претците. Неговите дела на фигури, животни, портрети, немаат монотонија, нивната линеарност и графизам со јак колорит имаат алхемиска конотација. Тие се клуч кој ги отвора вратите на овој чудесен свет на авторовата ризница. Живеењето  и  сликањето со нескротлива страст и еуфорија се предизвик на човек со вечна младост, кој го слави животот. Со боите и графизмот на цртежот тој црта. Формите на фигурите се со драматична снага, крик, импулс на колоритен спектакл. Денот се раѓа со песната на птиците, жуборот на водата, мирисот на цвеќето.

Претците како духови оживуваат пред нашите очи и танцуваат,  благословувајќи ги рацете на својот наследник “.

На изложбата се поставени 40-тина дела што досега не биле претставени пред скопската публика. Дел од нив се претходно изложувани во Берлин, Москва, Љубљана.

Изложбата ќе биде отворена до 10-ти декември.