СЗО повика да се одложат божиќните и новогодишните прослави поради Омикрон

Светската здравствена организација (СЗО) ги повика луѓето да ги откажат своите празнични прослави и собири поради забрзаното ширење на Омикрон варијантата од коронавирусот.

Зборувајќи пред новинарите во Женева, директорот на СЗО, Тедрос Адан0м Гебрехесус, рече дека „откажан собир е подобро од откажан живот“.

„На сите од нас ни е веќе преку глава од пандемијата. Сите сакаме да поминеме време со нашите пријатели и семејството. Сите сакаме да се вратиме во нормала. Најбрзиот начин да се дојде до ова е ние лидерите и сите луѓе да направат тешки одлуки кои можат да не заштитат нас и другите“, рече тој.

„Во некои случаи тоа значи откажување или одложување на прослави и собири. Но откажан собир е подобро од откажан живот. Подобро е да се одложи сега и да се прослави подоцна, отколку да се прослави сега и да се тагува подоцна. Никој од нас не сака да бидеме тука по 12 месеци од сега“, додаде Гебрехесус.

Тој го образложи овој став со се` повеќето докази дека Омикрон варијантата се шири значително побрзо отколку Делта. Податоците покажуваат дека бројот на заразени од Омикрон во заедницата се удвојува на секои 1,5 до 3 дена.

Сумја Сваминатан, водечкиот научник на СЗО, предупреди дека е прерано да се заклучи дека Омикрон е поблага варијанта од вирусот и посочи дека првичните истражувања покажуваат дека варијантата е поотпорна на вакцините кои досега се користеа за борба против пандемијата.

Доказите во моментов укажуваат дека луѓе кои биле вакцинирани или го имале прележано Ковид-19 можат да се заразат или повторно да се инфицираат со Омикрон.

Засега само неколку држави воведоа мерки за да се спречи ширењето на вирусот во престојниот празничен период. Холандија е една од нив. Во земјата оваа недела се затворија сите продавници кои не се неопходни за нормално функционирање на општеството, а луѓето можат да примаат најмногу двајца гости во своите домови.

Досега 48% од светската популација е целосно вакцинирано, но имунизацијата претежно се одвива во поразвиените држави. За споредба само 8,4% од населението во Африка во моментов е целосно вакцинирано.

Од почетокот на пандемијата повеќе од 5,3 милиони луѓе ги загубија животите од коронавирусот.