Граѓаните кои добиле известување за вакцинација во друг град може да се вакцинираат денеска каде што живеат, велат од МЗ

Граѓаните кои вчера добија известувања преку смс пораки за вакцинација против Ковид-19 во друг град, а не каде што живеат, и поради таа причина не се вакцинирале вчера, тоа ќе можат да го сторат денеска, во местото каде што живеат, информираат од Министерството за здравство (МЗ).

Во текот на вчерашниот ден на социјалните мрежи можеа да се забележат објави на лица кои тврдеа дека добиле известувања дека местото на вакцинација им е во друг град. Но, од МЗ истакнуваат дека според анализата на системот „Мој Термин“, граѓаните при закажувањето за вакцинација сами направиле погрешен избор на локација каде сакаат да се вакцинираат.

„Не е потребно повторно да се пријават ниту на vakcinacija.mk ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт да ја покажат пораката која ја добиле односно каде пишува дека вчера имале термин за вакцинација. Ова важи за сите граѓани кои и денеска или во наредните денови ќе се соочат со овој проблем“, стои во соопштението на МЗ.

Истовремено тие апелираат до граѓаните да го почитуваат терминот за вакцинација, со цел да се не создаде метеж на вакциналните пунктови, но и апелираа граѓаните да се пријават за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk.

Инаку, процесот на вакцинација моментално се спроведува во салите за масовна вакцинација во Скопје, Куманово, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола, додека вакцинални пунктови има и во здравствените установи во Струмица, Прилеп, Гостивар, Кичево, Струга, Велес, Кочани, Дебар и Гевгелија.

Досега, според информациите на министерството, против Ковид-19 се вакцинирале 61.603 лица, додека 218.577 лица се пријавиле за вакцинација.