Светската бројка на оздравени од коронавирусот надмина милион луѓе

Во текот на изминатата ноќ, бројката на оздравени лица од болеста Ковид-19, предизвикана од новиот коронавирус, на глобално ниво надмина 1 милион лица откако пред четири месеци се појави во кинеската провинција Вухан и се прошири низ светот.

Во моментов како целосно оздравени се регистрирани нешто преку еден милион и седум илјади лица, додека сè уште како заболени се водат скоро 2 милиони лица. Досега во светот од вирусот починаа нешто над 228 илјади луѓе.

Од моментално активните случаи 97% се во добра здравствена состојба, додека 3% се во сериозна или критична ситуација.

Најголем број оздравени лица на глобално ниво има САД, а веднаш зад оваа држава се наоѓаат уште и Шпанија и Германија каде се регистрирани над 100 илјади оздравени од Ковид-19.

САД исто така има и најголем број активни случаи, 855 илјади лица, додека над сто илјади заболени во моментов има уште во Велика Британија и Италија.

Од појавувањето во декември минатата година, новиот коронавирус се прошири на 210 држави и територии низ светот, како и на два крузери кои се наоѓаат во меѓународните води.