Светска премиера на „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски на фестивалот во Сао Пауло

„Бикини Мун“, петтиот игран филм Милчо Манчевски, ќе има светска премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, најголемиот фестивал во Латинска Америка и еден од најголемите во светот, на 21 октомври. Филмот ќе игра во програмата специјални презентации, објави фестивалот.

Куриозитет е дека за првпат играат два филма од ист автор на еден фестивал – светска премиера на „Бикини Мун“ и бразилска премиера на кусиот експериментален „Крајот на времето“.

Манчевски е популарен во Бразил уште од „Пред дождот“ што освои награда токму во Сао Пауло и беше филм на годината и во оваа и во други земји во Латинска Америка. Во Сао Пауло јужноамериканска премиера имале и сите филмови на Манчевски, а на универзитетите во Бразил и Латинска Америка тие се дел од наставната програма.

„’Бикини Мун’, што има формат на лажен документарец, зборува за експлоатација на единката од страна на медиумите. Инспирација беше доминацијата на снимање денес – од прислушување на Големиот Брат до селфи на Фејсбук. ‘Бикини Мун’ – како и моите досегашни филмови – зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот го има мирисот на Њујорк, снимен е на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа – и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија)“, вели Манчевски за „Бикини Мун“.

„Бикини Мун“ е снимен во Њујорк, и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.