Светот надмина милион починати од Ковид-19, СЗО предупредува дека бројката може да се удвои

Бројот на смртни случаи од Ковид-19 глобално ја надмина бројката од милион лица. Утрово, последните податоци покажуваат дека над 1 милион и две илјади луѓе починале откако се појави новиот коронавирус на почетокот на годинава.

На светско ниво досега се регистрирани преку 33 милиони лица заразени со вирусот, а скоро 25 милиони од нив успешно се опоравиле од болеста. Во моментов активни се преку 7,6 милиони активни случаи, најголемиот дел од нив во САД, Индија, Бразил и Франција.

Вчера Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека не е невозможно бројката на починати да се удвои доколку земјите не соработуваат заеднички за да се спречи ширењето на вирусот.

„Секако е незамисливо, но не е невозможно. Бидејќи ако видиме дека сме изгубиле 1 милион луѓе во девет месеци и ако ја погледнеме реалноста за можноста да добиеме вакцини во следните девет месеци, тоа е голема задача за сите кои се вклучени во процесот. Вистинското прашање е: Дали сме спремни, колективно, да сториме сè што е потребно за да ја избегнеме таа бројка“, вели д-р Мајк Рајан од СЗО.

Според него стапката на смртност од Ковид-19 постепено опаѓаше последните месеци поради тоа што медицинските експерти ги третираа сериозните случаи со поспецифични начини на лекување, сепак тој потенцира дека бројката на два милиони смртни случаи од вирусот може да се очекуваат пред вакцината доколку лидерите не воспостават подобри мерки.

„Време е за акција во секој можен аспект на нашиот стратешки приод. Не само тестирање и следење на случаите, не само болничка грижа или социјална дистанца, не само хигиена и маски, не само вакцини. Треба да се прави сè од ова. Доколку не го сториме тоа, бројката од 2 милиони починати не е само незамислива, туку, за жал, многу веројатна“, додал Рајан.

Глобално најголем број смртни случаи од вирусот се регистрирани во САД, преку 200 илјади лица кои починале од Ковид-19. Меѓу земјите со најголем број починати од почетокот на пандемијата се и Бразил, Индија, Мексико и Велика Британија.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.