Светислав Басара добитник на наградата „Прозарт“ на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“

Српскиот писател Светислав Басара е годинашен добитник на „Прозарт“ – наградата што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ од Скопје ја доделува за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.

Тој е авторот на романот „Фама за велосипедистите“, кој според многу ранг-листи на критиката се смета за еден од најдобрите српски романи на 20 век. Басара бил едногласно избран од Одборот за доделување на наградата: претседателот Ермис Лафазановски и членовите Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.

Басара ќе ја прими наградата во Даут-пашиниот амам на затворањето на фестивалот, на 29 мај со почеток во 19.30 часот. На тридневниот фестивал Басара од 27 до 29 мај ќе биде во друштво на авторите од Балканот: Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Ајфер Тунч од Турција, Јуриј Худолин од Словенија и Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина. „ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година е во организација на издавачката куќа „Икона“.