[Став] Три чекори до поквалитетна Агенција за млади и спорт

Брзо, која беше првата мисла која ви пролета низ глава кога прочитавте „Агенција за млади и спорт“ ? За мене, последниве години секогаш прво ми текнува на фамозните проекти за градење на спортски сали,  за кој еднакво си ги присвојуваа заслугите Агенцијата и тогашната Влада.  Резултатите од тие вложувања најверојатно ќе ги видиме во наредните години. Сигурен сум дека тоа не е единствената работа која Агенцијата ја има направено, но ете, морам да седнам да пребарувам по документи и објави по медиуми за да дознаам што друго работела изминатиов период. Искрено, прв ќе признаам дека не сум експерт за работењето на државни агенции, но, како некој чија што работа последниве 10 години е врзана со млади, а изминатите 5 и со спортисти – особено во насока на „аутдор“ спортови, забележувам неколку работи кои верувам дека ќе влијаат на тоа како се гледа на оваа државна институција. Без некој посебен редослед, еве три предлози за тоа како да се зголеми квалитетот на работата на АМС:

 Поддршка на неформални спортски настани

Во било која дадена година, освен формалните спортски настани (државни натпревари, собирање на бодови за национални или интернационални шампионати ), во Македонија се оддржуваат околу 50 неформални аутдор настани. Овие настани не се во календарот на повеќето спортски федерации, иако, најчесто, се сетираат во координација со нив, за едните да не влијаат на посетеноста и организацијата на другите. Станува збор за настани од полето на друмскиот и планинскиот велосипедизам, планинското трчање и планинската ориентација, болдеринг и качување на карпи, параглајдинг и змајарство,  и сигурно уште неколку други дисциплини кои ги испуштам.  Овие настани најчесто се финансираат на добрата волја на приватни спонзори, општините кои успеваат некако да одделат некоја симболична сума или материјали, и котизации, кои ретко соодветствуваат на времето, трудот и парите вложени за нивна организација. Еден мал дел од нив успева да се квалификува за поддршка од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во Македонија, како настани кои носат и странски посетители, но станува збор за релативно мали суми (најчесто од 30 до 60 илјади денари), кои не се достапни редовно, и опфаќаат и други видови на не-спортски настани.

Рекреативниот спорт е дел од спортскиот еко-систем во Македонија и заслужува поддршка. Не секој граѓанин има време, волја или талент за да стане професионален спортист, ниту пак би требало тоа да се очекува од нив. Тоа не значи дека овие настани не можат да бидат еден начин на кој ќе се регрутираат нови млади таленти во овие спортови. Истовремено, тие се одлична прилика за поискусните спортисти да можат да ја задржат својата кондиција со учествување на вистински настани, наместо само статичко тренирање. Би било банално да споделувам статии за тоа како физичката култура и спортувањето на отворено придонесуваат за здравјето и животниот век, бидеќји тоа е веќе востановен факт во денешно време.  Мотивирањето на граѓаните да излезат во природа и да спортуваат е особено важно денес, кога воздушното загадување во градовите е пораснато до ниво на вонредна состојба во текот на поладните месеци. При тоа, не е потребна само поддршка на индивидуалните организатори и настани, туку и на инфраструктурата – мапирање и маркирање на нови патеки и одржување на постојните, поставување на нови насоки за качување, мали градежни зафати, како и поддршка на санацијата и реновацијата на планинарските домови, од кој дел се во очајна состојба . Истовремено, Агенцијата треба преку својата поддршка да го промовира одржливото користење на сите природни ресурси кои се на располагање на граѓаните на Македонија. Аутдор спортовите се одличен начин за збогатување на понудата на спортови во земјата и зголемување на квалитетот на физичката култура и почитта кон природата кај сите граѓани, а особено кај младите.

Агенцијата да биде сервис не само на своите целни групи, туку и на граѓаните

Тоа значи дека мора да се работи на тоа да се олесни пристапот до информации за работата на оваа институција – не е доволно само да се објавуваат тековните активности, туку и да се има поголема прегледност на структурата на активностите. Ми беше чудно кога дознав дека, за некој да дознае колкав процент од буџетот на Агенцијата бил распределен за Сектор Млади во 2016 (разочарувачки 0,5% од вкупниот буџет), требало да испрати барање за информација од јавен карактер. 

Ова укажува на тоа дека нашите институции сѐ уште се поставени како пасивни носители на информации, со кои просечниот граѓанин треба да се фати во костец за да ги добие, наместо да му бидат на располагање. Ова е заедничка обврска и на Владата, која управува со Агенцијата и која може  и треба да наложи промени во начинот на комуникација со граѓаните, како и зголемена консултација со нив во однос на активностите и програмите кои се планираат и спроведуваат.

 Мора да има разграничување помеѓу персоната на директорот на Агенцијата и Агенцијата како институција

Загрижен сум од тенденцијата на повеќето државни агенции во земјава да ги ставаат секогаш на преден план своите директори. За ова е особено виновна Агенцијата за млади и спорт, чиј претходен директор, Марјан Спасевски, беше присутен на буквално секој настан и не-настан. Оваа тенденција ја гледам и кај новиот директор, Дарко Каевски. Погледнете ги само објавите на страната на Агенцијата – скоро секоја од нив почнува со: Директорот изјави…, или има фотографија од директорот. Мене овој пристап ме потсетува на тоа „L’Etat, c’est moi“ (Државата, тоа сум јас) , кое се припишува на францускиот крал Луј XV.

Да се потсетиме, директор е функција, Агенција за млади и спорт е институција.  Функционер се менува, институција останува. Несомнено е дека директорот ја претставува својата институција, но нашите институции мораат да се одвикнат од навиката да го портретираат директорот како човек за се. Колку вработени има во Агенцијата? Што и колку работат? Опасноста во пристапот еден човек да биде секогаш експониран е во тоа што на тој начин, наративно и визуелно му се „залепуваат“ сите успеси и неуспеси на институцијата како негови лични, сакал тој или не. После 10 години трауми од премиери со лопати, градоначалници како отвараат лифтови, и што ли уште не, овој пристап мора да се поправи.

Атанас Димитров, член на Младински образовен форум