[Став] Прозорци со млеко, тегли со ајвар и патики или студентски дом за 21 век?

Пишува: проф. д-р Минас Бакалчев

После студентскиот дом „Гоце Делчев“ од 1975 речиси немаме авторски примери на овој архитектонски тип, нема критичко промислување, нема архитектонски предизвик, немаме придонес во темата на студентското домување. Секако, важна е економската основа, важна е општествената состојба, но се чини она што е во криза е идејата.

Се` се менува само континуираната дееволуција на студентското домување останува иста. Се менуват моди, идеологии, системи, власти, реформи, парламенти, пленуми, но енигмата или бедата на студентското домување останува. Остануваат прозорците со млеко, со тегли со ајвар, со патики, останува влагата, остануваат потстандардните услови, запустените соби, ходниците и распаднатите тоалети. Зошто е тоа така? Се разбира, има различни причини, цела низа на квантификации и причинско последични спреги.

До 2025 година во Европа се предвидува вкупен дефицит на повеќе од 4 милиони студентски кревети, со што прашањето на студентското домување ќе биде глобален предизвик. Но, она што останува во нашето секојдневие е истата беспризорност, потиштеност, маргинализираност на просторите и луѓето кои треба да се мисловна елита, носители на новиот развој и дух на нашите градови и нашата земја. Дури во најголем дел и парцијалните обнови завршуват во се` поголема деградација на постојниот студентски фонд.

Но дали така беше отсекогаш?

Архитектонскиот патент во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Професорот Георги Константиновски со жар зборува за решението на студентската соба во неговиот проект студентскиот дом Гоце Делчев од 1971/1975 во Скопје. Како во еден минимален простор да се создаде услови за индивидуализиран престој и работа на два студента. Ако наместо вообичаена правоаголна форма собата се расчлени и добие Г форма тогаш секој студент добива своја „соба“ за престој и работа, студентите се заедно, но визуелно и просторно издвоени во својот дел од собата и сето тоа во 14м2 (13.9м2). Неверојатно, но тоа може да го стори просторната склопка издигната до еден вид вистински архитектонски патент.

Но, не е само тоа. Студентскиот дом е генериран од таа основна единица по систем на самосличност до една мегаструктура, составена од четири блока поврзани со мостови на 6 кат во зоните на заедничките простори. На тој начин, Константиновски создаде еден вид „небески плоштад“, многу пред небеските мостови на Стивен Хол (Steven Holl) во проектот „Линкед Хибрид (Linked Hybrid)“ од 2009 година. Една многу комплексна, а истовремено многу едноставно генерирана и материјализирана мегаформа како необичен град за младоста од 1970–тите.

Георги Константиновски (1971/1975). Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Скопје (фотографија: Александар Затковски)

Но и пред тоа, во проектот на професорот Јован Ранковиќ за студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу” од 1958 година, студентите добија палата во градот. Проектот е производ на високо развиен смисол за просторна, програмска и контекстуална состојба. Со една учена модернистичка синтакса се споени линискиот блок, анексот со јавните простори и паркот, кои чинат една достоинствена оаза во градот.

Но уште пред тоа, првиот професор на Архитектонско проектирање на тогаш Техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Антон Урлих во 1948 година и хрватскиот модернист Славко Леви со реализацијата во 1951 година создадоа еден вид почетен гест за иден студентски град на јужните падини на Гази Баба. Необична функционалистичка композиција, паралелни линеарни блокови со лачни сегменти на јавни простори. Модернизам со допир на регионална интерпретација на волуменот и неговата материјализација, камено приземје и логија за секоја соба.

Во сите три примери се работи за тогаш современ, иновативен, креативен пристап во програмската композиција, во просторниот склоп, во реакцијата на контекстот, со богатство на просторни доживувања, но со исклучителна, би рекле, намерна скромност и едноставност во материјализацијата и реализацијата. Иако денес ги гледаме во состојба на одредена руинираност, запоставеност, променетост, тие се парадигми за начинот на пристапот кон една важна чувствителна фаза на домувањето.

После студентскиот дом „Гоце Делчев“ од 1975 речиси немаме авторски примери на овој архитектонски тип, нема критичко промислување, нема архитектонски предизвик, немаме придонес во темата на студентското домување. Секако, важна е економската основа, важна е општествената состојба, но се чини она што е во криза, е идејата. Идејата за просторната, социјалната, културната иновативност и, пред се`, потребата од таа идеја. Она што не движи напред не е само анализата, рационалноста, систематичноста, критичноста, туку и посветеноста, ослушнувањето, чувствувањето и реакцијата на местото и настаните.

А што се случува надвор?

Живот во необични пластични контејнери

Во универзитетските центри на Техничкиот Универзитет во Делфт и на Универзитетот во Утрехт, во Холандија, може да се забележат инсталации од отворени челични конструкции исполнети со монтажни пластични единици (spacebox) направени од композитни материјали проектирани брзо да се инсталираат и преместат. Тоа се колонии за времено домување, времени конструкции, кои им помагаат на постојните капацитети и на оние кои се во фаза на градење. Една наша колешка за време на своите магистерски студии живееше токму во една од тие единици. Имав можност да посетам една таква исклучително рационална единица од 16м2 и да се уверам во скромниот, но продуктивен амбиент кој го овозможува. Во Холандија веќе постоеа асамблажи од стандардни контејнери за времено домување, но тоа беа примери на понатамошно креативно унапредување со spacebox единиците.

Неодамна во Данска беше промовиран пловечки ансамбл од група на стандардни контејнери во Копенхаген (Urban Rigger – Copenhagen, Denmark). Ги промовираше Бјерк Ингелс (Bjarke Ingels), а во написите во кои се пишуваше за нив се истакнуваше прашањето дали на тој начин ќе се решава и студентското домување во Њујорк?

Но, не е само архитектурата на контејнери во служба на студентското домување, туку и низа нови иновативни реализации. Во Љубљана имав можност да го посетам студентскиот дом Полјане на Бевк Перовиќ архитекти (Bevk Perovic Arhitekti) – два паралелни блока поврзани во приземје со јавни простории. Ме изненади современиот и есенцијален пристап во функцијата и обликувањето, како и материјализацијата. Студентскиот дом беше облечен во перфорирани алуминиумски панели кои можат да се предиплуваат и на тој начин ја отвораат и затвораат фасадата.

Секако, студентското домување е редовно тема на нашите архитектонски студија. Развивме различни идеи, визии, сценарија: студентски дом како дисперзна пунктуелна интервенција долж реката Вардар; студентски дом како „мисловен појас“ околу зградите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“; студентски дом како локална мегаструктура на слободната локација на постојниот студентски дом „Стив Наумов“ на падините на Гази Баба.

Нашите млади колеги (Синиша Павловски и Илија Мирчески) на меѓународниот конкурс од Архимедиум добија посебно пофалница (honorable mention) за нивниот предлог на Берлинските универзитетски резиденции (Berlin University Residences) во некогаш проблематичниот кварт Кројцберг (Kreuzberg). Предложија лебдечка конструкција над еден нов јавен простор со сугестивните прикази исполнет со ликовите од филмот на Вим Вендерс, „Небо над Берлин“.

Дијалог помеѓу архитектот и политичарот

Има една епизода која професорот Константиновски често ја повторува. На свеченото отворање на првата фаза на студентскиот дом „Гоце Делчев“, блок А и блок Б, тогашниот градоначалник на Скопје Љупчо Ставрев, му пријде на професорот и го запраша: Дали може во оваа друга фаза да вметнете бањи во собите? Го праша во пресрет на важниот настан за Скопје, 20. Шаховска олимпијада од 1972. Константиновски категорично го одбил, имајќи ја предвид максималната рационалност на собите во кои имаше чајни и кујни, но бањите и тоалетите беа заеднички на ниво на секој кат. Градоначалникот се повлече, но професорот Константиновски поттикнат од тој разговор почна да ја развива собата со бања. И невозможното стана можно, следните два блока беа со соби со сопствени бањи! Да, тоа е пример на разговор на политичар и архитект со взаемна доверба и почитување, во која нема диктат ниту инертност. Иако се работи за друго време и други околности, но токму таков дијалог се чини им треба на архитектурата и општеството, без диктат, надреденост, арогантност, но со вистинска посветеност и предизвик на тајните и можностите на архитектурата.

Каков треба да биде студентскиот дом на 21 век? Нема единствен одговор, но патот до него е преку автентичната идеја за студентското домување, преку неговото критичко преобмислување, преку инвентивното составување, преку функцијата, економијата, но и преку хуморот и изненадувањето. Можеби во иконографијата на студентското живеење и понатаму ќе останат прозорците со млеко, теглите со ајвар и патиките, но прашањето е како да се реконтекстуализираат во новите универзитетски резиденции за 21 век.

* Минас Бакалчев е архитект и професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирал на Универзитетот во Белград во 1991 година, а докторирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2004 година. Учесник и ко-куратор на Македонскиот национален павилјон на Венециското биенале за кој добил посебно признание со проектот „Град на можни светови” за 2008 година.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.