[Став] Атипичните млади во 2024 година сакаат пристојно образование, а не инклузија што личи на илузија  

Кога медиумите спремаат листи со ретроспектива од изминатава година, седнав да напишам една моја новогодишна листа со 5 желби за 2024. Се фокусирам на инклузивното образование. Таман доаѓаат и избори, па добро е листата да стигне и до идните парламентарци и донесувачи на одлуки. Да им текне кога ќе прават своја листа на приоритети – да се сетат на младите со атипичен развој! И, не само за кампањата, затоа што тоа ќе значи само продолжување на болката и играње со чувствата на атипичните. Бидејќи тие бараат пристоен живот и образование во Македонија, а не инклузија што личи на илузија.  

1.Да се подобри инклузивната клима во градинките

Уште пред некоја година УНИЦЕФ кажа: само 39% од децата во Македонија на возраст од 3 до 6 години се запишани во градинка, додека просекот во ЕУ е 93%. Плус, македонските градинки се фокусирани на чување, а не на образување на децата. Кога родителите ги земаат типичните деца од градинка, обично добиваат одговор: „Вашето дете беше добро, јадеше и спиеше“. А, кога посебните родители ги земаат атипичните од градинка, некои добиваат одговор „не знаеме што да му правиме, не сме обучени за вакви деца, немаме капацитет“.

Ова не го зборувам од памет, туку од личното искуство. И, од туѓото. Затоа, мојата желба е да се пушти во „промет“ повеќе стручен кадар што ќе биде присутен во градинките. Зборувам за специјални едукатори, логопеди, зналци во доменот на образовната инклузија. Ако има дефицит – да се направи рационализација.

Не може еден дефектолог или едукатор да мора да „прошета“ по 6-7 градинки во неделата, само за да стави „чкртка“ во извештајот. И, сите среќни, се’ е регуларно и опфатено, а атипичното дете да каска во развојот, затоа што не добило потребно грижа, внимание и едукација! Ова значи и обуки за кадарот во градинките. Да знаат дека ќе работат со атипични деца, дека треба да се снаоѓаат, да развиваат компетенции.

2.За школите – кадар, буџет, инфраструктура, обуки

Пак ќе го споменам УНИЦЕФ. На културен начин, по којзнае кој пат, УНИЦЕФ годинава повика да се зголемат инвестициите за да се обезбеди квалитетно и инклузивно образование за секое дете. Не може министерот Јетон Шаќири во јавноста да повторува колку е „унапредена инклузијата во школите“, а самите школи на глава да носат куп проблеми за да ја обезбедат таа инклузија. Да, се донесоа некои мерки, закони и правилници што поинтензивно ги внесоа атипичните деца во основните школи, но, што сега? Што од тука? Ќе оставиме процесот да „плови“, сам по себе, во импровизирана смисла? Не оди така…

Ќе дадам неколку сликовити примери, од лична анализа со школите.

Во школото „Христијан Тодорвски Карпош“ во село Драгоманце, Старо Нагоричане, таму на стартот на учебната година бараа реформи на секое ниво во образованието, почнувајќи од самиот пристап и превозот, инфраструктура, тоалети, адаптирани училници и сл. Во школото беа вклучени пет ученика со посебни образовни потреби (ПОП), но само еден асистент. Значи треба рационализација и со асистентите. Годинава беа распоредени вкупно 750-800 низ Македонија, така? Но, како?

Меѓувремено, од „Васил Главинов“ – Велес се надеваат дека во иднина ќе се регулираат законските нормативи за работните позиции на образовните асистенти, а со тоа ќе се прецизираат и нивните работни задачи, обврски, одговорности и работното време.

Илустративно фото: Unsplash 

Во беровското школо „Дедо Иљо Малешевски“, како недостаток гледаа тоа што често се најавуваат учебници за децата со атипичен развој, за инклузивноста да биде на ниво. Меѓутоа, тие не видоа такви учебници. За несреќа не добиваа ниту од редовните.

„Гоце Делчев“ од Гостивар има потреба од простории, кадар и сензорни соби каде ќе се работи со децата. Меѓутоа, генерално, не е работата сензорните соби да бидат игротеки! Џабе вакви соби, ако нема стандардизирани обуки за сензорна интеграција. Аман со експерименти со децата! Треба да се види дали детето има сензорна дезинтеграција, сензорно оштетување, па да му се прави интеграција.

Во некои школи постојат слаби инклузивни тимови, недостаток на компетенции кај наставниците, меѓутоа и отпор и одбивање на инклузијата. Ова во пракса значи, родителот сака да го запише детето во школото, а школото вика: „немаме знаење и можност да го примиме“. Па, по линија на помал отпор, дел родителите си ја бараат „среќата“ во друго школо. Потсетувам, сега школите имаат не само морална и етичка, туку и законска обврска да ги примаат СИТЕ деца, инаку вршат дискриминација. Ова стои во Законот за основно образование.

3.Долго време се „крчка“ Законот за средно образование  – време е да се донесе!

Го споменав горе Законот за основно, но, што е со Законот за средно образование? Абер нема од негово носење, не се знае кога?! Со тоа, родители се оставени на цедило, да се снаоѓаат како знаат и умеат, и со пари, и со работа, и со време, и со своето физичко и ментално здравје, бидејќи образовни асистенти се планирани само за децата во основно, ама не и за тие во средно школо. Не секој родител може да плати асистент!

Како ќе зборуваме за „еднакви можности“? Фер ли е државата да нуди образовна асистенција само за помалите, а не и за сите деца, кога се знае дека средното образование е задолжително? Како ќе има инклузивна транзиција од основно до средно школо, ако сите не се третираат исто? Родители на средношколци се чувствуваат дискриминирани, забаталени од системот и скриени „под тепих“.

Иако Министерството за образование и наука (МОН) вели дека образовни асистенти за средношколци се ангажираат преку програма за општинско корисна работа, склучена преку општини, министерства и донатори, сепак веќе неколку пати објавувавме дека таквиот начин недоволно функционира.

Искуства покажаа, преку тој систем слабо беа платени образовните асистенти, или им доцнеа платите, водени беа како хонорарци со по 7-8.000 денари, а истовремено обавуваа функција и на лични асистенти, наставници и педагози, без доволен број материјали. Се’ на нивна плеќа. Се’ на нивна одговорност, па јасно е дека многу од нив се откажуваа(т).

Општини и сега објавуваат повици за ангажирање образовни асистенти преку таа програма за општокорисна работа, но таа не ги задоволува потребите на децата со атипичен развој. Не е долгорочна. Не е системски издржана. Дополнително, ги става во нееднаква положба децата од различни општини. Плус, финансискиот товар така паѓа на родителите, а не на државата.

Секако, за средното образование важат сите оние работи што ги спомнав и за основното, со тоа што средното мора да биде уште понапред во индивидуалниот пристап. Средношколците со аптипичен развој да не зависат само од асистентите или наставниците. Да ги спрема и за самостоен живот, да ги вади од стакленото ѕвоно на родителите, па според потенцијалите да ги бутка да бидат актери, сликари, техничари, јутјубери, што-и-да-сакаат-да-бидат. Зашто, во крајна линија, од атипичните млади треба да се создаваат активни граѓани, а не социјални случаи.

4.Да се доврши приказната со МКФ-службите

Во системот за образовна инклузија во Македонија нова важна улога има Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје, позната како МКФ. Се работи за меѓународно призната рамка на организирање и документирање на информациите за функционирање и попреченост. МКФ претставува стандарден јазик за дефинирање на попреченоста, преку која новите македонски служби треба да го следат развојот на детето, одредуваат образовен асистент, Индивидуален образовен план (ИОП) или модифицирана програма, со цел сите деца да добијат еднаков третман и поддршка.

МКФ му припаѓа на „семејството“ меѓународни класификации развиени од Светската здравствена организација (СЗО) заради примена во различни аспекти на здравјето. Рамката на МКФ беше одобрена за меѓународна употреба уште на 22 мај 2001 година.

Оттука, МКФ-служби изминативе неколку години конечно почнаа со работа, а од стартот на 2023, со новиот Правилник на функционална проценка, добија дополнителни задачи да прават проценки и за социјални и здравствени мерки – посебен додаток, ортопедски помагала итн. Правилникот беше подготвуван три години од домашни институции и странски зналци, со цел да се говори за самостојни „способности“ и „можности“, наместо за „неспособност“ и „оштетувања“. За да може „категоризацијата“ да замине во историјата.

Фото: Радио МОФ

Е, сега… доаѓа време за реалноста. Ваквата поставеност, освен што отвори ново поглавје за да се задоволат меѓународните критериуми, ја тестира и оптовареноста на службите. Родители реагираа дека ненавремено се повикуваат децата со родителите на првична проценка, па некои се ставени на листа на чекање со месеци. А, без да поминат термин, владее неизвесност дали и кога би добиле образовен асистент, или пак додаток.

Плус, бирократски бариери со институциите го оддолжија формирањето на одредени тела (Охрид, Велес, Куманово…). Треба вработувања нови лица (психолози, дефектолози), некаде недостасуваат и просторни услови… Требаат финансиски ресурси за оваа работа. Ако наместо 10, МКФ работат со 6-7 тела – не може проценките да се одвиваат со ист интензитет. Системот е правен по регионална основа, па сега родители со децата мораат да патуваат до друг регион, до друго тело. А, стручното тело во тој регион автоматски се преоптоварува, што значи подолги листи на чекање. И, се врти работата во круг, а теретот – пак на родителите.

Во целава приказна си има свој удел, и тоа добар: Министерството за здравство. Бидејќи, колку што знам, МКФ-службите (секоја со лекар, психолог, социјален работник, специјален едукатор и рехабилитатор) паѓаат под капата на Министерство за здравство. Значи, министерството под итно да си ја работи работата за кое е надлежно! Да не кочи процес. Комитетот за правата на децата при ОН затоа лани даде здрави критики. Ги нагласија средствата и човечките ресурси што треба да бидат доверени на МКФ-службите, за непречено да тече новиот модел на проценки.

Генерално, Македонија треба да одлучи. Како ќе го тера овој МКФ-систем, кој има ОГРОМНА доверена улога за иднината на атипичните деца. Ако нешто се почнало, треба да се доврши. Бидејќи, има ли друго чаре? Има ли алтернатива? Кој е консензусот на научната, здравствена и образовна фела? Децата, немаат време за чекање. А, и на родителите прилично им снемува здравје и разум.

5.Факултетите да не ги дискриминираат студентите со атипичен развој 

Владата во координација со Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, лани донесе Уредба за да се ослободат од партиципација атипичните студенти. Тоа, звучеше фино. Но, тука имаше едно големо НО, многу важна работа што мора да биде спомената. Оваа мерка ќе биде комплетна само и само ако факултетите имаат приспособени програми и услови за лицата со атипичен развој. Мора работа паралелно. Инаку е само декларативна помош.

Зошто ја споменувам Уредбата? Затоа што факултетите се’ уште ги дискриминираат лицата со атипичен развој. Уредбата се’ уште е нецелосна и нелогична.

Потсетувам! Радио МОФ веќе пишуваше колку тоа нема инклузија и има дискриминација на факултетите на УКИМ. Меѓу другото, како тоа овие лица сами треба да наоѓаат материјали преку интернет и на своја рака да ги печатат. Да, тоа се случува.

Исто така, што е со посебните патеки за лица во инвалидски колички, или лифтови во самите факултети? За лицата со оштетен вид, потребни ли се тактилни патеки, како и релјефна табла на влезот на факултетите? Плочки со обележја на просториите и кабинетите на професорите? Да, ова недостасува по универзитетите.

Сакаме да зборуваме за остварување на сопствени потенцијали и личен развој на еднаква основа со сите останати?! За развивање компетенции и учество на пазарот на трудот?! Па, дел професори наместо да ги мотивираат, тие го прават спротивното – сметаат дека не можат да завршат факултет. Ги отфрлаат. Ги дискриминираат од старт.

Извор: Презентација на клучни наоди од анализата „Пристап до високо образование за лицата со попреченост“

Според истражувањето „Вовед во студентска дискриминација“ на МОФ, секој втор студент со попреченост смета дека бил изложен на дискриминација, за разлика од 31 % од студентите кои немаат попреченост. A, согласно препораките од Комитетот на човекови права, високообразовните институции мора да бидат поподготвени за реализација на наставниот процес со младите со попреченост.

Исто така, атипичните студенти се чувствуваат небезбедно на факултетите.

Овогодинешната Анализа за пристапот до високо образование, покажа нови загрижувачки резултати. Дури на 55% од факултетите нема студенти со попреченост или факултетите не водат статистика за бројот на ваков вид студенти. Ниту еден факултет не ги објавува своите соопштенија и документи во брајов формат, пристапен аудио формат или стандардно писмо во зголемен формат. За 40% од студентите со попреченост јавниот превоз е целосно непристапен. Само на 10 % од факултетите студентите со попреченост формално може да добијат литература во аудио или дигитален формат.

* * *

Сумирано: образовните установи треба да бидат промотор на инклузија и заедништво, а не на дискриминации, стигми и стереотипи. Истовремено државата да вложува многу, многу повеќе во образованието. Во секоја пора. Од друга страна, се’ додека акцентот е на „попреченоста“, сето ова ќе оди потешко. Долг е патот, најблаго речено, иако има еволуциски поместувања. Ако некои родители, или професори не сметаат дека треба да има момче или девојче на класот или студиите со малку „различно однесување“, како предност а не проблем за колективот, треба сите да се запрашаме дали инклузивните кампањи не штимаат? Дали медиумите потфрлуваат во известувањето? Дали политиките се ефективни? Дали треба да се осврнуваме на важноста за образовна инклузија само кога ќе се случи дискриминација или сегрегација, или само декларативно да „оддаваме важност“ за Денот на атипичните лица?

Не. Поддршка и еднакви можности треба да се диктираат 365 денови. И во градинка, и во училиште, и на факултет, и во културата, и во јавниот живот и пазарот на трудот. Нон-стоп. Инаку, се’ друго е колективно глумење лудило.

Нека им е среќна новата 2024 година на сите аптипични млади и на нивните родители! Ќе им треба среќа!

Бојан Шашевски