Со проценка од МКФ ќе се доделува и посебен додаток, службите тврдат нема да има застои

Посебен додаток, образовен асистент, ортопедски помагала… овие мерки, независно дали се поврзани со социјала, здравство или образование, отсега ќе се добиваат откако ќе се изврши проценка на децата и младите со атипичен развој во новите Служби за функционална проценка (МКФ). 

Ваквите промени дојдоа на сила преку Правилникот за функционална проценка. Тој беше подготвуван три години од ресорните министерства, Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост во Македонија, но и со поддршка на УНИЦЕФ.

Според најавите, досегашниот термин и пракса на „категоризација“ треба да замине во историјата. Па, наместо да се бркаат повеќе инстанци и да се оди во Заводот позади „Симпо“ на наод и мислење, сега проценките ќе се извршуваат преку регионалните тела на МКФ. Така ќе се стекнува и правото за посебен додаток.

„Новите барања, поднесени по 25 јануари 2023 година треба да се доставуваат до стручните тела за функционална проценка, преку специјалистички упат од избраниот лекар преку електронската листа на закажани прегледи и интервенции, или непосредно од родителот/старателот на детето или младинецот до стручните тела за функционална проценка“, велат за Радио МОФ од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Раководителот на Службата за функционална проценка при ЈЗУ Здравствен дом, Горан Петрушев, посочува дека додека се воспостави системот „Мој термин“ ќе треба време, па затоа апелира родителите да се јавуваат директно до нив – до МКФ.

Горан Петрушев, фото: принтскрин од видео обраќање во Влада

„Наскоро ќе може преку матичните лекари, но засега се јавуваат на овој начин. Започнуваме нов систем. Интегриран, се’ на едно место. Да не шетаат родителите овде, онде, па во ‘Симпо’… туку ваквите услуги, меѓу кои и посебниот додаток, ќе се реализираат со нашите проценки. Потоа документите одат до Центрите за социјална заштита, каде се изготвува решение врз основа на препораката. Центрите треба да бидат добро информирани за измените. Министерството треба да работи на тоа, да ги информира, а ние сме во координација. Инсистираме родителите беспотребно да не бидат шетани“, посочува Петрушев.

Родители со кои поразговаравме, корисници на посебен додаток, се загрижени за евентуални застои кои би се појавиле уште во Службите на МКФ. Особено што имаше пролонгирани рокови за образовните асистенти, големи листи на чекање, а дојдоа и критики од Комитетот за правата на детето при ОН дека недостасуваат финансии и човечки ресуси за да се спроведува Законот за основно образование и моделот на проценки врз основа на МКФ.

Сепак Петрушев уверува, родителите редовно би продолжиле да ја користат мерката посебен додаток, само треба да закажат нов термин, што ќе биде ставен како приоритетен.

„Доколку истекува стариот наод во февруари-март, родителот да даде до знаење во Службите за да му се направи на детето проценка. Јас дадов налог, тие родители што користат некакво право како посебениот додаток, а е врзано со рок, да бидат приоритетни и да се земаат веднаш. Така да, нема да има проблем, бидејќи сега имаме пет тела низ цела Македонија, па може да покриеме, гледајќи ја досегашната динамика кога имаше само три комисии“, потенцира тој.

Тела што работат по Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ) досега се формираа во Скопје (две), исто така во Струмица, Гостивар и Битола. Секој стручен тим е составен од лекар, психолог, социјален работник, специјален едукатор и рехабилитатор, со најмалку три години работно искуство во струката и најмалку една година искуство во имплементација на МКФ, од редот на вработените во Службата.

„Во Куманово ни требаат уште две стручни лица да ја комплетираме службата. Но, веќе сме во процедура. Остануваат Охрид, Велес и Штип. Во Штип имаме недостаток на кадар. Тоа се предизвици од терен, постоечки, ама кога ќе ги објавиме огласите ќе се најде некое стручно лице, ако не од Штип, тогаш од Пробиштип“, вели Петрушев.

Раководителот на МКФ-службата уште минатиот месец пред владини претставници истакна потреба за повеќе обуки и поширока примена на функционалната проценка по МКФ, како и нејзино воведување на факултетите кои едуцираат стручни кадри од овие области. Апелираше да се прошири меѓу здравствените работници што вршат дијагностика, потоа кај наставниците и стручните соработници во образованието, како и вработените во детската и социјална заштита, со цел да се говори за „способности“ и „можности“, наместо за „неспособност“ и „оштетувања“.

Како важни чинители во процесот ги истакна и родителите на децата – што треба да бидат полноправни членови на тимот за проценка, како и самите деца и лица со атипичен развој.

„Важната разлика во овој процес со претходните, е тоа што во проценката се зема мислењето на пошироката средина во која живее детето, семејството, потесно и пошироко, воспитувачите, наставниците, и некои други лица кои имаат допирни точки со детето. Самата проценка има развоен карактер. Односно, сите наредни проценки се надоврзуваат на првата проценка. Така што, преку новата реформа се следи развојниот пат на детето до 26 години“, посочи Петрушев.

Периодот меѓу контролна проценка за деца до 18 години, според Правилникот и според моделот на функционална проценка, не треба да биде подолг од две години.

„Значи, целта е максимум на две години да има повторна проценка за да може да се следи тој развој, да ја видиме функционалната состојба. Тоа е станадрд. Така е бидејќи, пример, детето ако тргнало во прво одделение, ние очекуваме да научи да чита. Но, ако дошло до трето одделение и не знае да чита, тогаш мораме да предвидиме и преземеме нешто друго, со цел да се продолжи развојот во вистинска насока. Исто така, целта е активно да се вклучи семејството и непосредната средина на детето во проценката, но и во поддршката која ја добива во неговиот живот, за да може да се вклопи во општеството и да се поттикнуваат неговите потенцијали“, вели Петрушев.

Националната евиденција на Службата покажува дека досега се направени нешто над 2.000 проценки. За разлика од нив, Министерството за труд и социјална политика (МТСП) не’ информираа за реализиран функционален профил на 1.699 деца со попреченост.

Проценките, според Петрушев, ќе бидат земени предвид и при составувањето на долгоочекуваниот национален регистар на лица со попреченост, иако МТСП се’ уште не потврдува каква ќе биде методологијата за собирање податоци.

„Проектот за воведување на единствен регистар за лицата со попреченост е во тек, и е во фаза кога се изработуваат потребните предлог законски и подзаконски акти за да може тој да функционира и со кои ќе се уредуваат, начинот на размена на податоците помеѓу повеќе системи кои собираат податоци за децата и лицата со попреченост како и воспоставувањето и администрирањето на информацискиот систем за проценка на лицата со попреченост. Конечниот дизајн и начинот на собирање на податоците ќе биде утврден по донесувањето на овие законски решенија“, велат од МТСП.

Бојан Шашевски