МОН: Годинава образовни асистенти има речиси двојно повеќе, а извештајот од МКФ не е услов за упис во училиште

„Основните училишта со ресурсни центри спроведоа огласи за вработување на 500 образовни асистенти и истите се веќе одбрани и во тек се спојувањата со учениците кои добиле мислење и е утврдена потребата од образовен асистент. Бројот на ангажирани асистенти е речиси двојно поголем во однос на просекот во изминатите учебни години“, одговараат од Министерството за образование и наука (МОН), откако вчера Радио МОФ пишуваше дека за некои деца со попреченост школската година почна без образовен асистент.

Од МОН велат дека ангажманот на образовни асистенти зависи од искажаните потреби на родителите на учениците, а доколку тие потреби се зголемат во текот на годината – министерството ќе излезе во пресрет.

Министерството потенцира и дека оваа учебна година, за првпат  услугата образовна асистенција се воведе како системско решение за кое државата во целост ги покрива трошоците, за што од Буџетот на МОН се обезбедени вкупно 59 милиони денари за 2021 година.

Проблемот е што процесот се одложи, помина 1 септември и децата со нетипипчен развој веќе влегоа во училишните клупи, а дел од нивните родители се уште немаат добиено термин, воедно со тоа и извештај од Службата за функционална проценка по МКФ.

Без тој извештај, не може да им се одреди образовен асистент за да биде поддршка на наставникот во образовниот процес. Без тој извештај, во некои училишта се јавуваат проблеми со управата, бидејќи таа инсистира на таков документ, или целосно го одбива детето со нетипичен развој, со аргумент дека нема „капацитет и можност да го прими“. Иако, според Законот за основно образование, сега мора да формираат и инклузивни тимови во секое основно училиште и да добиваат поддршка од посебните училишта што сега стануваат ресурсни центри, додека МКФ врши проценка на децата и им одредува образовен асистент, асистивна технологија, Индивидуален образовен план (ИОП), или модифицирана програма.

Од МОН велат дека стручните тела за функционална проценка по МКФ се под Министерство за здравство и истите функционираат во состав на ЈЗУ Здравствен дом Скопје како посебна служба. Сепак, напоменуваат дека извештајот кој го издава оваа служба не е услов за упис во училиште.

„Правото на образование е едно од основните детски права. Така што, родителите/старателите на децата со попреченост, извештај по МКФ можат да достават и по 1 септември“, потенцираат од МОН.

Овде може да ја прочитате вчерашната тема на Радио МОФ за образовните асистенти:

Школската година за некои од нетипичните деца започна без образовен асистент

Б.Ш.