Факултетите се’ уште ги дискриминираат студентите со попреченост

Дури на 55% од факултетите нема студенти со попреченост или факултетите не водат статистика за бројот на ваков вид студенти. Ниту еден факултет не ги објавува своите соопштенија и документи во брајов формат, пристапен аудио формат или стандардно писмо во зголемен формат. Голем дел од предавалните и библиотеките на факултетите се со ограничена физичка пристапност, а дури на 55 % од факултетите нема лифт, иако се на повеќе катови. За 40 % од студентите со попреченост јавниот превоз е целосно непристапен. Само на 10 % од факултетите студентите со попреченост формално може да добијат литература во аудио или дигитален формат.

Анализата за пристапот до високо образование покажа загрижувачки резултати кога во прашање се студентите со атипичен развој. Автор на документот е Кристијан Лазарев од Здружението за асистивна технологија ,,Отворете ги прозорците”, кој за Радио МОФ го потврдува генералниот заклучок дека овие студенти се дискриминирани, па претстои голема работа за самите факултети, но и на останатите институции и застапници на лицата со попреченост.

„Не би го ставил целиот притисок само на факултетите, не се само тие виновни, бидејќи во такви лоши објекти ги сместила државата пред 50-60 години. Има многу работи што не се во нивна надлежност и моќ да ги сменат. Од типот на пристапот до домување во студентските домови, или пристапот до јавен транспорт, тоа не е нивна ингеренција. Меѓутоа се’ уште имаат обврска, можност и должност да ги подобрат условите. Бидејќи бројките и состојбите се тие: нема лифтови, а рампите кај повеќето се лоши“, потенцира тој.

Според Лазарев, во процесот треба да се вклучат и самите организации на лица со попреченост.

„Факултетските собранија воопшто не се ангажирани, а треба да ги вклучуваат и студентите со попреченост, нивните потреби и сл. Понатаму, Народниот правобранител, Комисијата за заштита од дискриминација… сите треба да трчаат малку повеќе, да информираат за механизмите со кои студентите може да си ги бараат правата. Во моментов има студенти со попреченост што знаат што треба да направат, ама не знаат каде да се пожалат. Проблеми има многу“, потенцира Лазарев.

Во однос на хоризонталната мобилност, анализата покажа дека 45 % од факултетите немаат пристап помеѓу паркингот и факултетот за лица со попреченост, немаат обележани паркинг-места или немаат сопствен паркинг. Загрижува и што недостасува пристапен тоалет дури на 67,5 % од факултетите.

Извор: Презентација на клучни наоди од анализата „Пристап до високо образование за лицата со попреченост“

Што се однесува до пристапот до информации, натписите на 72,5 % од факултетите се само визуелни. Кај 15 % се неусогласени и се разликуваат еден од друг, а на 10 % покрај визуелниот текст има и визуелни графички симболи. Дури 72,5 % од факултетите никогаш ја немаат тестирано нивната веб-страница за веб-пристапност.

Извор: Презентација на клучни наоди од анализата „Пристап до високо образование за лицата со попреченост“

Во поглед на адмнистративните услуги, 55 % од факултетите никогаш не го тестирале електронскиот систем за административни работи во кои студентите со попреченост треба да ги запишуваат предметите.

„Постојат случаи кога лица со попреченост се спречени да се запишат на факултет, поради немање пристапност, како и поради професори кои самоиницијативно вршат притисок врз веќе запишани студенти со попреченост да се откажат од факултетот бидејќи тие немало да бидат успешни во професиите што ги одбрале, односно целосно незапишување на некои лица со попреченост особено на наставничките/педагошките профили (ФГИ)“, посочува авторот во Анализата.

Понатаму, постои нецелосно почитување на Уредбата за ослободување од плаќање партиципација, предизвикано поради терминолошка бариера во Законот за високо образование, што не овозможува бесплатно студирање на втор и трет циклус студии за студентите со попреченост.

Постојат и ризици по безбедноста и здравјето. При теренскиот увид од истражувањето – не биле биле забележани наменски обележани стаклени врати.

„75 % од факултетите немаат поставено тактилни ознаки на почетокот и на крајот од скалите, 15 % имаат поставено само делумно, а 10 % велат дека имаат поставено секаде, што не можеше да се потврди од теренскиот увид. На поголем дел од факултетите има висечки објекти или испуштени бетонски делови што се потенцијална безбедносна закана за лицата со оштетен вид. 57,5 % од факултетите имаат поставено аларм, но само 30 % од тие алармни системи се аудио-визуелни“, стои во анализата.

Извор: Презентација на клучни наоди од анализата „Пристап до високо образование за лицата со попреченост“

При промовирањето на документот, заменичката на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа рече дека анализата е чекор понапред кон правото на високо образование, особено имајќи предвид дека се соочуваме со недостиг на податоци во оваа област и видливост на студентите со попреченост.

„Според нашите информации, најголем број на млади со попреченост по завршување на средното образование не се одлучуваат да го продолжат образованието поради немање на соодветен пристап. Бројот на 50-ина студенти во сите три циклуси на студии алармира за овој проблем“, рече Бајрамовска-Мустафа.

Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Исмаил Камбери потенцираше дека наша обврска е да овозможиме поединците да напредуваат во општеството без дискриминација. Комисијата до сега има утврдено дискриминација во 11 случаи, од кои 2 се во образованието.

„Политиките за обезбедување еднаквост и инклузивност во областите на вработување, образование и социјална интеграција се клучни за користење на потенцијалот на лицата со попреченост во нашето општество во целина. Мерката за унапредување на државата не лежи само во нејзиниот економски раст, туку како ги третираме маргинализираните лица во општеството“, рече тој.

Од промоцијата на Анализата, фото: ВФД

Директорката на ВФД Дона Костуранова истакна дека, за да имаме еднаквост на лицата со попреченост во општеството, еден од предусловите е токму еднаков пристап до образование, вклучувајќи го и високото образование.

„Во моментов, високото образование е недостапно за многу лица со попреченост, што ги ограничува и нивните можности за образовен и професионален развој и директно влијае на квалитетот на живот“, посочи Костуранова.

Анализата дава и препораки: пристапноста треба да биде критериум во набавките, реконструкцијата и стратешкото планирање на факултетите и студентските домови. Исто така, да  се обезбеди асистивна технологија и помагала, стручна и научна литература во пристапни формати, како и пристапен транспорт за студентите со попреченост.

Меѓу другото, задолжително да се води дигитална евиденција за статистички податоци за студентите со попреченост, со цел подобро да се планираат нивните потреби и инклузивноста на факултетите. Тука е и потребата од назначување административни асистенти за поддршка на студентите со попреченост.

Инаку, Анализата е правена од Здружението „Отворете ги прозорците“ во соработка со Народниот правобранител, а со поддршка на ВФД во рамки на проектот „Практикувај демократија” поддржан од Британската амбасада.

Бојан Шашевски