Хелсиншки: Владата и ДИК ги дискриминирале лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас

Основниот граѓански суд во Скопје утврдил дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас, соопштија од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.

Од организацијата додаваат дека судот утврдил дека директната дискриминација е сторена со непреземање, односно, со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места и го повредиле начелото на соодветно приспособување. На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата.

Судот ги задолжил Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат:

  • пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места;
  • пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила;
  • пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.

„Дополнително, Основниот граѓански суд во Скопје ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, во пристапен формат, да го објават во медиумите диспозитивот на пресудата со која се утврдува дека сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и активно учество во политичкиот живот, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis).

Целосното соопштение на Хелсиншкиот комитет може да го прочитате на следниов ЛИНК.