Авганистан ги затвори женските средни училишта само неколку часа по почетокот на новата школска година

Талибанците ги затворија женските средни училишта во Авганистан само неколку часа откако започна новата учебна година во која беше најавено дека девојките ќе можат да се вратат во училиштата за првпат по промената на власта минатата година.

Неочекуваната одлука дошла вчера, и покрај тоа што авганистанското министерство за образование претходниот ден ги повика сите ученици да тргнат на училиште.

„Ги гледав моите ученици како плачат и како одбиваат да излезат од часот. Тоа беше многу болно“, изјави наставничка во женско училиште во Кабул, пренесува Франс 24.

Последната блокада за едукација на девојките во земјата се очекува да наиде на широка осуда од меѓународната заедница која ги повикуваше новите власти во Авганистан да ги отворат училиштата за жените и да им ги овозможат нивните права во јавниот живот.

Претставничката на Обединетите Нации во Авганистан, Дебора Лајонс, одлуката за затворање на училиштата ја нарече „вознемирувачка“.

По враќањето на Талибанците на власт во Авганистан, во средината на август минатата година, училиштата беа затворени поради пандемијата со КОВИД-19. Но, кога училиштата се отворија два месеци подоцна само момчињата и помладите девојки имаа дозвола да продолжат со настава.

Меѓународната заедница стравуваше дека Талибанците можат да го забранат целосното формално образование за жените, како што тоа го направија во периодот од 1996 до 2001 кога последен пат беа на власт. Правото на образование за сите е една од клучните точки во преговорите со авганистанските власти за обезбедување хуманитарна помош и признавање на новата власт, а повеќе земји и организации понудија да ги плаќаат наставниците.

Талибанците инсистираат дека нивната цел е да обезбедат училиштата за девојките на возраст од 12 до 19 години да бидат сегрегирани и да работат во согласност со исламските принципи.

Новата авганистанска власт воведе бројни ограничувања за жените. Од забрана за вршење на најголемиот дел од владините функции, преку правила на облекување и забрана за патување надвор од нивните градови без придружба. Истовремено во земјата беа приведени повеќе активистки за женски права.