[Став] Младите со атипичен развој прво да се ослободат од дискриминација, па потоа од студентска партиципација

Владата во координација со Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, донесе Уредба за лицата со попреченост да бидат ослободени од партиципација за студирање. Односно, се ослободуваат од партиципација сите лица со попреченост запишани на прв, втор и трет циклус на студии на јавните високообразовни установи. Фино звучи. Но, тука има едно големо НО, многу важна работа што мора да биде спомената. Оваа мерка ќе биде комплетна само ако факултетите имаат приспособени програми и услови за лицата со атипичен развој. Мора работа паралелно. Инаку е само декларативна помош. Нецелосна мерка. 

Потсетувам! Радио МОФ пред пола година пишуваше колку тоа нема инклузија и има дискриминација на факултетите на УКИМ. Меѓу другото, како тоа овие лица сами треба да наоѓаат материјали преку интернет и на своја рака да ги печатат. Да, тоа се случува.

Исто така, што е со посебните патеки за лица во инвалидски колички, или лифтови во самите факултети? За лицата со оштетен вид, потребни ли се тактилни патеки, како и релјефна табла на влезот на факултетите? Плочки со обележја на просториите и кабинетите на професорите? Да, ова недостасува по универзитетите.

Сакаме да зборуваме за остварување на сопствени потенцијали и личен развој на еднаква основа со сите останати?! За развивање компетенции и учество на пазарот на трудот?! Па, дел од професорите наместо да ги мотивираат, тие го прават спротивното – сметаат дека не можат да завршат факултет. Ги отфрлаат. Ги дискриминираат од старт.

Според истражувањето „Вовед во студентска дискриминација“ на МОФ, секој втор студент со попреченост смета дека бил изложен на дискриминација, за разлика од 31 % од студентите кои немаат попреченост. A, согласно препораките од Комитетот на човекови права, високообразовните институции мора да бидат поподготвени за реализација на наставниот процес со младите со попреченост.

Исто така, атипичните студенти се чувствуваат небезбедно на факултетите.

Ако зборуваме за социјалната дистанца, таа е најмала на УКИМ и УКЛО, а најголема на ДУТ. Загрижува податокот дека студентите во најмала мера остваруваат контакти со лица со попреченост во рамки на кампусот, како и со лица што имаат попреченост во учењето, психолошки или други тешкотии што не се видливи.

За жал, дискриминацијата за младите со атипичен развој почнува уште порано. Во школите. Образование кое е задолжително. Инклузивно образование, ама очигледно со пречки во развојот. Случајот со дискриминацијата врз малата Ембла во гостиварско училиште кои иронично се вика „Единство“ уште еднаш ни даде сочна шлаканица, на сите, само не знам колку таа ги (под)разбуди институциите? И школите?

Особено ако се знае дека образовната инклузија има не само морална, туку и законска обврска. Си има Закон за основно образование, кој со новите измени внесе и поинклузивна димензија. Лицата со атипичен развој треба да ги брани и од дискриминација. Значи, треба да се почитува и спроведува, а не мафта со него кампањски.

Истовремено, училиштата да бидат свесни за својата улога. Да нудат инклузивни тимови, квалитетен кадар, приспособена структура, образовна асистенција. Да создаваат заедништво. Да престанат да отфрлаат и деца со атипичен развој, да ја префрлаат одговорноста од себе кон „други соодветни места“ – специјалните училишта како „Златан Сремец“ и „Иднина“. Не! Тие сега стануваат Ресурсни центри и наскоро нема да запишуваат ученици, туку ќе бидат во функција на поддршка на редовните школи, каде пак сите деца ќе учат заедно без разлика на „попреченоста“. Сумирано: образовните установи треба да бидат промотор на инклузија, а не на дискриминации, стигми и стереотипи.

Но, се’ додека акцентот е на „попреченоста“, сето ова ќе оди потешко. Долг е патот, најблаго речено, иако има поместувања. Ако некои родители, или професори не сметаат дека треба да има момче или девојче на класот или студиите со малку „различно однесување“, како предност а не проблем за колективот, треба сите да се запрашаме дали инклузивните кампањи не штимаат? Дали медиумите потфрлуваат во известувањето? Дали државниот буџет во делот инклузија и борбата против дискриминација е доволен? Дали треба да се осврнуваме на важноста за образовна инклузија само кога ќе се случи дискриминација или сегрегација, или само декларативно да „оддаваме важност“ за Денот на нетипичните лица?

Не. Поддршка и еднакви услови за образование треба да се одвиваат 365 денови. И во градинка, и во училиште, и на факултет, и во јавниот живот и пазарот на трудот. Нон-стоп. Инаку, ослободувањето од студентска партиципација нема фајде. Многумина ќе ја сфатат како мајтап. Зашто младите со атипичен развој прво треба да поминат разни образовни стадиуми. Препреки. Да стигнат до факултет, да бидат ослободени од дискриминација, па потоа од партиципација.

Бојан Шашевски