Јавните институции на Град Скопје задолжени за 60 денови да постават пристапни рампи за лица со попреченост

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска издала писмен налог до сите јавни институции под надлежност на Градот да направат проценка и да постават пристапни рампи за лица со попреченост, информираа од Град Скопје.

Рокот за имплементација на оваа активност, како што велат тие е 60 денови.

„Градот Скопје започнува сеопфатна програма за остварување на еден од главните приоритети за остварување на правата од социјална заштита на лицата со попреченост, односно подобрување на квалитетот на секојдневното живеење и создавање услови за независен живот“, се додава во соопштението на Град Скопје.

Оттаму велат дека поставувањето на пристапните рампи е дел од Програмата на Град Скопје за овозможување поголема пристапност за лицата со попреченост до институциите во градот.