Инклузивното образование со многу промени, ама и со многу проблеми

„Континуирана едукација за концептот на образовна инклузија на сите вработени во училиштата со цел да се подобри инклузивната клима, не само на наставниот кадар, стручните служби, туку и на директорите и административно-техничката служба. Да се комплетираат стручните служби од училиштата со специјален едукатор и рехабилитатор. Генерално, да се зајакнат капацитетите на инклузивните тимови за да се подобри инклузивниот процес, особено при преминот на учениците со посебни образовни потреби од одделенска во предметна настава, како и од основно во средно образование“.

Ова се дел од препораките на документот „Реформи и предизвици на инклузивното образование во Северна Мекедонија“.

Документот за јавни политики е објавен во склоп на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите”, а дава критички осврт и нуди предлози и решенија за инклузивното образование за децата со атипичен развој во земјава.

Документот главно се фокусира на состојбите во основното образование. Стои дека во земјава се донесени повеќе инклузивни реформи, како измените во Законот за основно образование од 2019 година. Исто така, посебните основни училишта се трансформираа во Основни училишта со ресурсен центар (ОУРЦ), а посебните паралелки во Центри за поддршка на учењето на учениците со попреченост.

Дополнително, меѓу другото, креирана е Концепција за инклузивно образование, потоа Водич за работа со училишните инклузивни тимови, започнат е проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, додека во системот за образовна инклузија нова важна улога има и Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје, позната како МКФ.

МКФ претставува меѓународно призната рамка на организирање и документирање на информациите за функционирање и попреченост. Односно, стандарден јазик за дефинирање на попреченоста, преку која нови македонски служби го следат развојот на детето, одредуваат образовен асистент, Индивидуален образовен план (ИОП) или модифицирана програма, со цел сите деца да добијат еднаков третман и поддршка.

„Извештаите (од МКФ) одат до основните училишта, а потоа, според проценката, се одредува програмата за работа и се ангажира образовен асистент преку Ресурсните центри (ОУРЦ). Функционалните проценки се прават секоја година, во меѓувреме се планирани и реевалуации/контроли. Службата наиде на повеќе оддолжувања, продолжени рокови и предизици. Пандемијата го закочи процесот, Службата имаше проблеми со екипирање и услови за работа. Во текот на 2021/2022 уште не беа формирани дел регионалните стручни тела, а со тоа, меѓу другото, се оддолжија образовните асистенти за децата со попреченост. Многу од децата учебната 2021/2022 ја почнаа без проценка, без ИОП, без асистент, а веќе влегоа во училишните клупи. Тоа се оддолжи и во второтo полугодие“, стои во документот.

Службата до крајот на јуни 2022, додека се собирани податоците од документот, нема креирано свој сајт, па меѓу препораките е токму тоа – да направи таква платформа, со цел да има транспарентетн однос на нивната дејност, услугите, но и при комуникацијата со јавноста.

„Отворање на сите предвидени регионални служби за функционална проценка, со цел да се зголеми опфатот по МКФ и да се намали притисокот врз телата од Скопје. Односно, родителите со децата да не патуваат до Скопје или други градови, туку да се изврши потребната проценка за образовна програма или асистент во нивниот град/регион. Ефективна координација и комуникација на службите на МКФ со сите институции, училишта и ресурсни центри, за да може да се оптимизираат услугите, опремата и инфраструктурата потребна за образовна инклузија, согласно проценките за секое дете од Службата“, стојат како препораки во документот.

Рака под рака со МКФ, уште една голема реформа стапи во сила во учебната 2021/2022 година, кога во земјава започна нов систем на образовна асистенција, како предуслов за обезбедување инклузивно образование. Образовната асистенција стартуваше врз основа на новиот Закон за основно образование и нов Правилник.

Сепак, нагласено е дека иако за учебата 2021/2022 година беа предвидени 500 образовни асистенти преку петте Ресурсни центри, ваквите проценки се покажаа како недоволни. Не секаде беше оптимизиран бројот на асистентите според децата и состојбите во училиштата.

„Според МОН, во учебната 2021/2022 во основните училишта се вклучени вкупно 911 ученици со посебни образовни потреби, што за споредба со учебната 2019/2020 е зголемување за 4,5 %. Од друга страна, Службата на МКФ за новата учебна 2022/2023 процени дека се потребни дополнителни 250, односно вкупно 750 образовни асистенти за да се покријат потребите“, се вели во документот.

Оттука, потенцирано е да се зголеми или оптимизира бројот на образовни асистенти, според потребите во секој регион.

„Според дел искуства на ресурсните центри, да се размисли за евентуална промена на начинот на ангажирање и промена на работните задачи на образовните асистенти, преку потенцијално ревидирање на Правилниците или законската регулатива што ја регулира нивната дејност. Да се преиспитаат кадарните капацитети во образовниот сектор и да се најде соодветен модел за дејствување меѓу образовните и личните асистенти, кои практично ќе опслужуваат во училиштата, во најдобар интерес на децата“, стои како препорака.

Истакната е и потребата за зајакнување на соработката на предучилишните установи, основните училишта, како и на ресурсните центри. На тој начин, се вели во документот, се овозможува мониторинг и евалуација на развојот и напредокот на секое дете и се создава можност за навремено планирање на мерките за поддршка што треба да ги добие.

„Локалната самоуправа и сите училишта пристапноста да ја постават високо во приоритетите при планирањето на буџетот. Пристапноста не се состои само од изградба на пристапна рампа, туку и обезбедување лифт, адаптиран мебел, тоалети и слично. Да продолжи изградбата на сензорни соби во училиштата со соодветна опрема, за визуелна, аудитивна и тактилна стимулација, како и за подобрување на фината и грубата моторика. Исто така, да се организираат повеќе обуки за кадарот за сензорна интеграција. Притоа, да се приспособува употребата на сензорните соби според индивидуалните карактеристики на секое дете“, стојат меѓу другите препораки.

Случајот со малата Ембла, девојчето со Даунов синдром, повторно ја актуелизираше дискриминацијата што постои во македонското општество, која се пренесува и во училиштата. Оттука, документот нагласува потреба и од едукативни кампањи токму против дискриминација, или било како исклучување на децата со попреченост. Посебно, во делот на образовна инклузија и заедништво во училиштата.

„Секое училиште да ја препознае вредноста на различностите на своите ученици, да изнајде начини како да ги почитуваат истите, да ја прилагоди наставата на индивидуалните карактеристики на секој ученик. Во случаи кога се идентификуваат поголеми потешкотии за учество во воспитно-образовниот процес, секое училиште да ги идентификува бариерите за учење со кои се соочува ученикот и да понуди соодветни стратегии за нивно надминување и да побара поддршка од локалниот ресурсен центар“, е една од препораките.

Земјава се’ уште нема национален Регистар за лица со попреченост, па посочено е да се интензивира и таа постапка, со цел да се категоризираат потребните податоци и да се планираат сите политики за оваа група граѓани, меѓу кои и во образованието.

Во однос на пандемијата, анализите покажаа дека децата со атипичен развој останаа запоставени и маргинализирани од системот. Оттука, ако продолжи пандемијата со силен интензитет или, евентуално, во иднина се појави нова, потребите на децата со атипичен развој да бидат земени предвид при изготвување и носење мерки.

„Односно, за организирање онлајн-настава, спроведување индивидуални образовни планови, обезбедување асистивна технологија, специјални едукатори, социјални рехабилитатори и наставен кадар за поддршка на децата за евентуално следење настава од дома. Негативните ефекти од неприспособената настава во време на пандемија може да се ублажат доколку државата ги стави во функција локалните човечки капацитети преку обезбедувањето привремени вработувања за невработени специјални едукатори и рехабилитатори и наставен кадар за поддршка на децата за учење од дома“, стојат како препораки во документот „Реформи и предизвици на инклузивното образование во Северна Мекедонија“.