Сензорните соби без обучен кадар се само игротеки

Сензорни соби изминативе години почнаа да се прават во склоп на училишта низ Македонија, особено преку донатори и проекти, со цел да се овозможи простор за децата со атипичен развој. Собите се чекор кон поинклузивно образование, но искуствата покажуваат дека недостасува обучен кадар кој знае да работи со собите, а со тоа и со децата. Истовремено, сензорните соби се само парче од инклузивниот мозаик, па и државата, и самите училишта треба да размислуваат за дополнителен буџет и структурно приспособување во школите, па да може да зборуваме за целосна инклузија и еднаков пристап за секој ученик.  

Школите каде има сензорни соби добиваат простор каде инклузивни тимови треба да нудат визуелна, аудитивна и тактилна стимулација, како и подобрување на фината и грубата моторика. Во собите влегуваат за работа специјални едукатори (дефектолози), психолози, наставници…

Сепак, претседателот на Сојузот на специјални едукатори, Горан Петрушев, за Радио МОФ вели дека „сензорна соба без обучен кадар е само игротека“. Сојузот организира обуки за кадарот во школите, но не и ги врши, бидејќи за тоа се потребни посебни лиценци.

„За сензорната интеграција требаат познавања. За некој да прави обука за сензорна интеграција, треба да има лиценца ‘Аерс’. Основачка на сензорната интеграција е Џин Аерс, па тоа е веќе претпознатлива и распространета мрежа, стандардизирана. Таа основната обука, за да можеш да работиш, трае 126 часа. Додека, за да бидеш обучувач за сензорна интеграција треба да завршиш и дополнително образование од пет години, па да можеш да обучуваш други лица“, вели Петрушев.

Според него, во Македонија има дефицит на таков обучен кадар. Сојузот порано правел обуки со обучувачка од Австралија, два циклуса, а сега во меѓувреме добила лиценца колешка психолог од Бања Лука. Па, веќе втора обука организираат во земјава.

„Тоа е строго одредена процедура. Засега во Македонија има околу 50 обучени лица за сензорна интеграција“, вели тој.

За Петрушев нема сомнеж – за школските сензорни соби треба да барем еден обучен што ќе работи со децата. Другите може да работат под негово водство. Но, тој еден мора прво да направи дијагностика, да види дали тоа дете има сензорна дезинтеграција, сензорно оштетување, па да прави интеграција.

„Пример, детето може да е дактилно сензитивно. Мора тоа да го процениш. Постојат и дактилно хиперсензитивно, и хипосензитивно. Ако детето е второво, а ти го стимулираш, ќе направиш уште толку лоша работа. И обратно важи, за другите сетила. Се работи за совршен систем кој не смее да се остави на импровизации. Не може да се третира без обуки, тоа е поентата на интеграцијата“, посочува Петрушев.

Согласен е дека сите учат во процесот, но потребно е знаење и компетенции на училишниот кадар, вклучително и за опремата во сензорните соби.

„Ако пример директорот ја набавил опремата, тој ја гледа тубата, но не знае што да прави со тубата. И, ќе рече ‘пушти го детето во сензорна соба’. Не може така. Не е исто како игротека, ги имаш сите играчки, па ги пушташ децата да си ‘играат’. Сензорната соба е само сложувалка од инклузивниот процес. Секое школо мора да има формирано инклузивен тим, тоа е обврска според Законот за основно образование, но голем дел не ја сфаќаат сериозно работата. За секое дете мора и строг индивидуализиран пристап, за да има ефект. Паралелно треба да се работи и на инфраструктура, асистивна технологија, постојат и бихевиорални методи, флортајм (floortime), окупациона терапија… Има многу работа во тој дел. И, затоа е добро сензорните соби да бидат управувани од Ресурсните центри. Од таму обучен кадар кој сето тоа ќе го стави во функција. Ресурсните центри мораат да бидат движечка сила на инклузијата, во спротивно ќе ни биде тешко да направиме добра инклузија“, потенцира Петрушев.

Она што е познато е дека петте посебни училишта (како „Златан Сремец“ и „Иднина“) од лани го менуваа статутот и станаа Училишта со ресурсен центар. Тие во текот на следните години треба целосно да го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта. Да даваат придонес кон учениците со атипичен развој, за наставници и разен кадар, за обуки, вештини… Овој процес значи, посебните училишта набрзо ќе престанат да запишуваат ученици, па без разлика на „попреченоста“, сите деца ќе се вклучат во редовните училишта. Тука би имале поддршка и преку сензорни соби.

Школите добиваат сензорни соби, но колку се подготвени за инклузија?

Сензорните соби главно доаѓаат преку разни донатори и проекти, а Радио МОФ веќе пишуваше еден од нив – проектот „Биди Ин, Биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Тој е финансиран од ЕУ, а го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“ заедно со  партнерите „Инклузива“ и „Хандимак“, во соработка со Министерството за образование  наука. Преку него, како чекор кон понатамошна инклузија, 40 училишта треба да добијат опремени сензорни соби, инклузивни игралишта, пристапни рампи, пристапни тоалети или асистивна технологија…

Сензорна соба во „Христијан Тодоровски – Карпош“ во Старо Нагоричане. Фотографијата е од „Чекор по чекор“, од каде велат дека собите преку проектот „„Биди Ин, Биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ се правени по стандарди и во нив работи обучен кадар со децата

Преку овој проект, досега се реализирани 10 сензорни соби што чинат по 3.500 евра, во 10 школи. Едно од нив е „Христијан Тодоровски – Карпош“ во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане. Директорката Бојана Арсовска Јовановиќ за Радио МОФ посочува дека во школото имаат специјален едукатор и рехабилитатор што наизменично ја користат сензорната соба во зависност од децата и нивните потреби. Имаат и ученици стипендисти од овој проект и обезбеден тутор, кој исто така работи со учениците.

„Од друга страна, сметаме дека наставниците и другиот кадар не можат целосно да одговорат на начинот на употребата на сензорната соба и несомнено се потребни поголеми компетенции и знаења за кадарот за намената на сензорната соба, како и функцијата и начинот на користење на реквизитите“, вели директорката.

Обуките за Арсовска Јовановиќ се добредојдени, но го немаат истиот ефект како практичната работа. Досегашните обуки на кои присуствувале воглавно биле дел од проекти и траеле по неколку часови. Дополнително, согласна е дека инклузијата е процес и им се потребни повеќе прилагодувања како на наставата, организирање на обуки, така и инфраструктурно-просторно подобрување на училиштето.

„За целосна и адекватна, комплетна инклузија треба да ги прилагодиме сите потреби за ниедно дете да не почувствува потешкотии во неговото функционирање. Ние во училиштето имаме само пристапна рампа до првиот спрат од училишната зграда. Иако имаме сензорна соба, истата не е пристапна за деца со моторни потешкотии и деца во инвалидска количка. Исто така и тоалетите би требало да се прилагодат за да се има пристап до нив“, посочува директорката на „Христијан Тодоровски – Карпош“, дополнувајќи дека најголем дел за иклузијата финансиски зависат од донации и проекти, а преку ресорното министерството немаат некоја забележителна помош.

И од основното училиште „11 Октомври“ од Куманово велат дека почнале да ја користат сензорната соба според можностите и способностите на учениците, повеќе во едукативен дел. Имаат вработено специјален едукатор, педагог и психолог што работи со учениците со посебни образовни потреби и потешкотии.

„Сепак, за поуспешна и понапредна работа потребни се дополнителни обуки (за инклузија, сензорна интеграција и сл.) за целокупниот наставен кадар кои во последно време ги нема многу или се органзирани од приватни здруженија, а за присуствување на истите потребно е котизација која треба секој самостојно да си ја финансира, што е голем недостаток“, забележуваат од училиштето.

Во поглед на инфраструктурата и просторно уредување, направени се пристапни рампи, тоалет, посебно столче и слично за учениците посебни образовни потреби. Исто така, на ниво на училиште од стручните соработници и наставниците се изведуваат работилници и  едукации за подигање на инклузивноста на повисоко ниво.

„Но, сепак, за поуспешна и подобра инклузија добредојдени се секаков вид на донации и едукации од надворешни стручни лица“, велат од кумановското училишта.

Школото „Дане Крапчев“ од скопска Гази Баба исто така доби сензорна соба. За сензорната интеграција велат дека е третман заснован на игровни активности во средина пријатна за децата, визуелно привлечна и богато опремена со сензорни материјали кои ќе овозможат задоволување и поттикнување на нивните потреби за сензации на пропрорецептивниот, вестибуларниот, тактилниот, аудитивниот и визуелниот систем. Неопходно е во просторот да има и изолирано место за осамување и смирување на лицата кои се преосетливи на дразби.

Илустративна фотографија од сензорна соба

„Третманот се врши од лица обучени како сензорни терапевти. Во моментов еден стручен соработник – специјалниот едукатор и рехабилитатор посетува обука во времетрање од една календарска година (126 часа), распоредени во 3 модули. За овој третман потребено е теоретско знење и стекнување на практични искуства од применетите принципи во сензорната интеграција бидејќи најголемите знаења сепак се стекнуваат преку искуството. Секако дека би било од големо значење доколку се обучат повеќе лица за овој третман“, велат од „Дане Крапчев“.

Посочуваат, нивното училиште години наназад работи во полето на инклузијата и на вклучување на децата со атипичен развој во сите сегменти на воспитно-образовниот процес. Постојано се работи на подобрување на условите за престој и учење, на пристапни рампи и платформи, зајакнување на компетенции или обуки на вработените.

Од финансиски аспект, обезбедуваат средства преку блок дотации на МОН, потоа преку сопствени средства, пари со поддршка на општина Бази Баба, Фондациите „Чекор по Чекор“ и Отворено општество – Македонија финансирани од Европска унија, како и донации од бизнис секторот.

„Секако би била добредојдена било каква државна помош за оваа намена со цел за што е можно да се обезбедат подобри услови за квалитетно образование за секое дете во училиштето“, велат од „Дане Крапчев“.

Од Министерството за образование и наука засега не добивме одговори на прашањата за тоа дали и колку средства одделува државата за сензорните соби. Исто така, имаат ли евиденција колку сензорни соби се направени низ училиштата во Македонија и дали има некаква контрола како се работи во сензорните соби.

Бојан Шашевски