[Став] Средношколците со атипичен развој не смеат да останат без можност за образовен асистент!

Како грутка во грлово деновиве ми стои фактот што и оваа учебна година нема државна помош во вид на образовен асистент за средношколците со атипичен развој. Почна 1 септември, тргнаа во школо, а најавуваниот Закон за средно образование уште не е донесен. Абер нема од негово носење, не се знае кога?! Со тоа, родители се оставени на цедило, да се снаоѓаат како знаат и умеат, и со пари, и со работа, и со време, и со своето физичко и ментално здравје, бидејќи образовни асистенти се планирани само за децата во основно, ама не и за тие во средно школо. 

Како новинар и родител на дете со аутизам, веќе некое време ги следам состојбите со образовната инклузија. И, не можам да останам рамнодушен во оваа ситуација, иако за моето дете со големи предизвици, препреки и натегања обезбедивме образовен асистент. Но, тоа е друга приказна, моето дете оди во основно школо, што е со тие во средно?

Веќе пишував дека школото треба да предвидува подготовка за ученикот за одговорен и самостоен живот. За развивање способности и вештини за истражување, експериментирање, но и решавање проблеми. За да можат сите деца да се остварат себеси, за да бидат поети, глумци, доктори, јутјубери или што-и-да-сакаат да бидат. Значи, прво, да им се пружи можност. Основна. Човечка. Еднаква. Таа, ја заслужуваат! Преку систем што дава потпора од градинка до факултет, a не исклучува никој.

Да потсетам, Македонија е потписник на бројни меѓународни документи, како пример Конвенцијата за правата на детето (1989-1993 година) каде е наведено дека „детето со попреченост да има ефикасен пристап до образование и обука“ и „државите му го признаваат на детето правото на образование врз основа на еднакви можности“.

Да потсетам, државата има донесено и Концепција за инклузивно образование. Таму стои „секој ученик да има пристап до наставата и учењето, како и учество и постигнувања во согласност со неговите потенцијали“.

Но, сега, во 2019 е донесен Законот за основно кој покрај многуте проблеми тргна со инклузивна димензија, но од друга страна недостасува Закон за средно, како препрека за образовни асистенти во средно школо?! Како ќе зборуваме за „еднакви можности“? Фер ли е државата да нуди образовна асистенција само за помалите, а не и за сите деца, кога се знае дека средното образование е задолжително? Како ќе има инклузивна транзиција од основно до средно школо, ако сите не се третираат исто? Родители на средношколци се чувствуваат дискриминирани, забаталени од системот и скриени „под тепих“.

Иако Министерството за образование и наука (МОН) вели дека образовни асистенти за средношколци се ангажираат преку програма за општинско корисна работа, склучена преку општини, министерства и донатори, сепак веќе неколку пати објавувавме дека таквиот начин недоволно функционира. Искуства покажаа, преку тој систем слабо беа платени образовните асистенти, или им доцнеа платите, водени беа како хонорарци со по 7-8.000 денари, а истовремено обавуваа функција и на лични асистенти, наставници и педагози, без доволен број материјали. Се’ на нивна плеќа. Се’ на нивна одговорност, па јасно е дека многу од нив се откажуваа(т).

Општини сега објавуваат повици за ангажирање образовни асистенти преку таа програма за општокорисна работа, но таа не ги задоволува потребите на децата со атипичен развој. Не е долгорочна. Не е системски издржана. Дополнително, ги става во нееднаква положба децата од различни општини.

Плус, финансискиот товар така паѓа на родителите, а не на државата, која издвојува и плаќа по 24.000 денари за вработување образовни асистенти преку Ресурсните центри, како поддршка на наставникот, но потсетувам – само за оние деца од основно школо.

Не може некој да ме убеди дека средношколците со атипичен развој не треба да бидат приоритет. И за извршната, и за законодавната власт. Политички калкулации, блокади во Собранието и немање константност во политиките е неодговорно од сите политички фактори. Практично, се минира замислата за образовна инклузија. Инклузија не се прави со „пали-гаси“ политики, или селективно. Инкузија не е инклузија ако не важи за сите, преку сите фази на воспитно-образовниот процес.

Бојан Шашевски