[Фото] МОФ: На прво место – безбедноста на глувите и наглувите ученици од ДУЦОР „Партенија Зографски“

Од Младинскиот образовен форум (МОФ) известуваат дека глувите и наглувите ученици од ДУЦОР „Партенија Зографски“ од општина Гази Баба конечно можат безбедно да стигнат во училиште.

Од таму посочуваат дека тоа е овозможено бидејќи Булеварот „Александар Македонски“ добил семафори, а претходно на делот со фреквентната улица „Благоја Стефковски“ биле поставени и лежечки полицајци, знаци и вибрациски ленти за намалување на брзината.

Од МОФ нагласуваат дека ваквите измени се резултат на барањата на глувите и наглувите ученици од Клубот за демократско учество уште пред повеќе од една година, поддржан од Фондацијата за демократија на Вестминстер.

„Активистите од МОФ застапуваа за ваквото решение бидејќи младите, кои не можат да ги чујат сирените на возилата, беа изложени на опасност и никаде не беше означено дека во близина се наоѓа училиште со ученици со оштетен слух и говор“, додаваат од таму.

Од младинската организација истакнуваат дека опасноста доаѓала и од фактот што  булеварот „Александар Македонски“ продолжува кон автопатот А-75 и ги спојува двата дела од Скопје.

„Поради ова, во март 2021, со поддршка на директорите на ДУЦОР „Партенија Зографски“ и СЕТУ „Михајло Пупин“, беа контактирани релевантните институции. Клубот за демократско учество доби позитивен одговор за поставување сообраќајна сигнализација, светлосни знаци, платоа за смирување на сообраќајот и ознаки  ‘школо’“, се вели во соопштението.

Од МОФ апелираат надлежните органи ваквите процеси во иднина да ги завршуваат што е можно побрзо,  проблемите на младите да се сфаќаат сериозно, а глувите ученици да имаат еднаков пристап до образовните институции како и нивните врсници.

Според активистите од МОФ, воВ последните пет години на улиците во Гази Баба имало повеќе незгоди.

„На ‘Благоја Стефковски’ се случиле 113 сообраќајни незгоди со телесни повреди, 9 со тешки телесни повреди и 1 лице кое трагично го загубило животот. На булеварот ‘Александар Македонски’ пак, имало 240 сообраќајки со телесни повреди, 26 со тешки телесни повреди и 6 лица трагично го загубиле животот“, велат од МОФ додавајќи дека иако овие податоци се однесуваат на целиот потег на улиците, не само околу училиштето, тие сепак го покажуваат ризикот за учениците во сообраќајот.