Граѓани од Железара на секојдневни протести поради сообраќајното дивеење

Жители на скопската населба Железара, кои викендов одржаа протест откако на улицата „Коце Металец“ загина 45-годишна жена која беше прегазена од автомобил кој се движел со голема брзина, најавуваат дека продолжуваат со секојдневни собири од денеска до петок во периодот од 16:30 до 18:00 часот.

Граѓаните велат дека живеат во немир поради постојаното сообраќајно дивеење на улицата.

„Ова не е единствен случај и не сакаме да биде уште еден заборавен случај. Жителите на населба Железара се чувствуваат многу небезбедно. Фреквенцијата на улицата „Коце Металец“ е како на булевар а возењето е како на писта. Повод за собирање на протест беше овај немил настан а причината постои одамна. Бараме од општината Гази Баба, градот Скопје и сите надлежни институции   од одговорните да се отпочне со решавање на барањата  и решавање на долгогодишните проблеми. Бараме само  населбата да отпочне да функционира пред се безбедно како една урбана населба“, објаснува Виолета Молошевска Мијакоска, дел од граѓаните кои ги организираат протестите. 

Жителите на Железара од надлежните бараат поставување семафори и лежечки полицајци на улицата, како и редовни полициски контроли и поставување камери.

Организаторите посочуваат и дека покрај нивните покани до одговорните во општината и градот, досега никој не одговорил на нивните повици.