На час: Илузија наместо инклузија – образованието на децата со атипичен развој со многу пречки и проблеми  

Пред и за време на пандемијата, децата со атипичен развој поминуваат низ образовен процес кој треба да им понуди еднакви можности за едукација и развој. Сепак, искуствата покажуваат дека има слабо платени образовни асистенти, кои се и лични асистенти, наставници и педагози, без доволен број материјали. Истовремено, наставниците се необучени и не знаат што да прават со атипичните деца. Родителите, пак, се наоѓаат во маѓепсан круг како детето да биде прифатено во училиште и како да ги развива своите способности, наместо општеството да ја гледа само попреченоста.

Елеонора Наумоска, дефектолог (специјален едукатор) и образовен асистент, во емисијата „НаЧас“ зборува дека моментално многу е тешко за асистентите и за децата со атипичен развој.

„Наставниците немаат ИОП (индивидуално образовни планови), немаат да ни понудат материјали, Министерство за образование и наука (МОН) крена раце од нас, иако доста пати ги викавме да се видиме – кој е нашиот статус и на децата во школите. Ако има карантин, нас нема да ни следуваат никакви средства. Тргнати сме од цел систем. Пред 5 години самата држава кажа дека ќе има вработувања, но, еве, пет години нема вработување. Моментално земаме многу мала сума на пари, околу 7.400 денари. Тие пари пак доцнат за стартот на школската година. А, од тие пари трошиме на материјали“, реагира Наумоска.

Таа ја разбира и ситуацијата на наставниците, бидејќи во клас имаат по 27 деца. Наставничката треба да одвои барем по 10 минути за тоа детенце.

„Ама, во случајов, секое од тие 27 деца различно функционира. И, некако немаат време. Плус, наставнитие не знаат како. И, реално ние сме се’. Ние сме наставниците. Ние сме и образовни асистенти, лични асистенти, педагози и наставници. Кога лани работев во школо немав фидбек од тој што ми беше наставник, бидејќи се водеа од тоа дека ‘ти си дефектолог, ти го правиш ова’. Не, јас не сум дефектолог таму, јас сум дефектолог надвор од школото, тука сум само асистент“, потенцира Наумоска.

Дефектологот нагласува дека треба да постои разлика меѓу личен и образовен асистен. Едниот да му помогне да детето во физиолошки потреби, ако треба да оди надвор, да надмине некоја пречка итн. А, образовниот асистент е во самиот образовен процес.

Смета дека поминаа пет месеци кога беше кризата, не биле свесни што ќе се случува, но сега има свесност, па пак сите „талкаат“.

„Пак сме на исто ниво. Прво, (министерката за образование) Мила Царовска кажа дека децата со посебни потреби можат до деветто одделение да одат на училиште. Ама на крај кажа дека тоа не важи за децата со посебни потреби во редовните, туку само за посебните училишта. Ако некој мене ме прашува, јас сум секое дете да оди на школо. Важна е комуникацијата“, нагласува Наумоска.

Зоран Мијалков, татко на деца со аутизам и претседател на Здружението „Сплотени срца“, вели дека се научна-фантастика тврдењата дека децата добиваат образование.

„Инклузијата е илузија во Македонија. Единствено ако се погодат стручни (лица), да помагаат, па да има резултати. Досега ретко сум запознал деца што навистина се инклузирани во образованието“, забележува Мијалков.

Со поголемиот син, немале среќа во образованието. Одел до второ одделение, но не бил прифатен од наставничката. Немале асистент, па Зоран и сопругата биле асистенти.

„Наставничката си дозволи да организира родители да потпишуваат дека не сакаат нивните деца да учат со дете со атипичен развој. На крајот Петар, полуфункционален, сфати дека таму не го сакаат. Така што, образованието му се прекина на Петар. Сега оди само во Дневен центар за аутизам. Тоа е ништо. Само е центар кадешто ќе си поседат некое време и ќе си дојдат дома. Значи, во центар кој стручно треба да работи со нив, за жал – нема работа. Што пак останува за редовните училишта?!“, прашува Мијалков.

Според него, реалноста е дека нискофункционалните, па дури и во голем дел од среднофункционалните деца – не можат да следат редовна настава. Само се присутни во одделението. Односно, пример, деца што се невербални, само седат на часовите.

„Во суштина, ништо не се случува. Ќе седи колку може да седи. Ако го однесат до логопед.. и потоа го носат дома. Тоа е всушност глумење инклузија. Поради тоа треба да има рехабилитациски центри каде тие деца ќе стекнат знаења како да живеат. Ќе стекнат вештини. Џабе е и универзитетска диплома да му дадеш на дете, ако не може само да оди во ВЦ. Значи, основните вештини. Како да го сфати денот, од станување до легнување. Понефункционалните деца не можат ни тоа да го сфатат. Па, настануваат тантруми, не знаат што со себе. Наставниците, за жал, не се обучени, не знаат како со овие деца и буквално се оставени сами, асистентите се оставени сами. Имаме закон само на хартија. Дипломите ништо не значат за овие деца, ако не се обучат да живеат барем полусамостојно“, вели тој.

Јасмина Трошанска, долгододишен специјален едукатор, рехабилитатор и претседател на Здружението „Сината светулка“, вели дека пандемијата била стресна за сите воопшто. Но, децата со аутизам, заради нивните карактеристики влегуваат во шеми и ритуали, па од еден начин, требало одеднаш да преминат во друг начин на живот.

Со Здружението имаат проект „Аутизам – онлајн поддршка“ со која планираат да работат на видео-материјали и упатства, за да можат стручните лица како Елеонора и родителитет да ги користат во домот.

„Целиот процес на образование е многу тежок за децата, особено за децата со аутизам. Сите кои работат со нив, пред се’, треба да се грижат за нивната психичка состојба, бидејќи процесот може да остави длабоки траги кои понатаму тешко можат да се искоренат. За сите деца е истото. Образованието може ќе се надополни, меѓутоа, она што ќе се случува со нивниот психички развој – може да настанат трајни последици. Затоа ќе ги молам сите родители и специјални едукатори за повеќе трпение со овие деца. Се’ што треба да правите во домот е да бидете колку што можете повеќе расположени, позитивни, затоа што само на тој начин полесно ќе излезат децата од целава состојба“, вели Трошанска.

Околу потребните закони и решенија кои и се потребни за државата за децата со атипичен развој, Трошанска вели дека треба да земаме искуства од други земји и да имплементираме она што мислиме дека е потребно.

„Сега според новиот закон, посебните училишта ќе бидат ресурсни центри што ќе нудат услуги на редовните училишта. Но, на пример, во Хрватска образовните асистенти се вработени преку Центар за аутизам Загреб. А, тоа е посебно училиште кое има градинка, основно училиште, средно… Значи работно оспособување, па сите асистенти на ниво на Загреб се вработени во училиштето. Имаат огромен број вработени. Тоа е важно за асистентите, бидејќи тие треба да припаѓаат некаде, да знаат каде да се консултираат, во средина со колеги“, нагласува Трошанска.

Кај нас, вели таа, младите (дефектолози) специјалните едукатори, кога ќе влезат да работат во училиштата, им се даваат работи кои не треба да ги работат. Но, ги работат бидејќи се вклучени во училиштето како стручен тим.

„Во Велика Британија, пак, се уште постојат посебни училишта и постојано се отвораат нови. Овој процес на инклузија што го правиме сега, таму се случува пред 20-ина години. Меѓутоа, сите нешта веќе се вратени назад. Затоа што сфатиле дека на децата им треба оспособување во животот. Тоа не можете да го правите кога ќе наполнат 15 години. Ако претходно не работите ништо со детето, се развива предизвикувачко однесување итн.  Таму ако оди детето во посебно училиште, оди од 4 години и интензивно се работи со него и завршува и средно образование. Работно се оспособува и вработува“, нагласува Трошанска.

Таа забележува дека се уште нема Регистар и не се колку деца со попреченост има во училиштата. За да функционираат нештата, смета Трошанска, треба да има план, секој да зне што прави, кога прави и како, а истовремено да има евиденција и евалуација.

На прашањето како образованието да се фокусира на потенцијалите, а не на „попреченоста“ на децата со атипичен развој, таа вели дека кај децата со попреченост мора да има точна проценка на способностите. И тие потоа да се искористат во рамки на образованието.

„Пример, ако детето има афинитети кон математички вештини, ќе работи повеќе математички. Ако за јазици – тогаш за јазици. Има деца што перфектно функционираат на компјутер. Многу често слушам совети дека компјутерот треба да се одземе. Тоа не е во ред, ако на детето тоа му е единствената јака страна. Ако е единственото нешто што многу добро го знае – таа треба да се развива во едукативни цели. Не да му се даде постојано да гледа видеа и игри, туку, ако има таков афинитет, тогаш ќе го развиваме кон дизајнирање. Знам деца што прекрасно цртаат, па може ќе се занимаваат со таа професија. Ако децата сакаат многу животни, тогаш ќе се насочат кон учење на природни науки. Можеби утре ќе работат со животни, ќе дресираат кучиња ќе работат во кампови за заштита на животни и сл. Треба да се најде кој е нивниот афинитет, кој е нивниот потенцијал, за да им овозможи самостоен живот“, констатира Трошанска.

Бојан Шашевски