Школите со куп проблеми на глава за да обезбедат образовна инклузија

Министерот за образование Јетон Шаќири пред првиот школски час се пофали дека оваа учебна година се доделени 800 образовни асистенти за децата со атипичен развој, што е зголемување за 300 за две години, период кога стартуваше новиот систем за образовна асистенција во основните школи. Но, образовните асистенти се само парче од инклузивниот мозаик. Дел училишта низ Македонија се’ уште мака мачат со адаптирани простории или сензорни соби, други со материјали за работа и дидактички средства, некаде недостасува стручен кадар и финансии, а се воочува и проблем при комуникацијата со МКФ-службите, кои се некомплетни во одредени региони и се оптоварени со обврски. Со тоа, иако постојат позитивни чекори и нови училишни пракси, впечатокот е дека не секаде оди глатко процесот за вклучување и заедничка едукација на типичните и нетипичните деца. 

***

Радио МОФ собра информации од основни школи од разни региони од Македонија, за да добиеме поширока слика за образовната инклузија во учебната 2023/2024 година.

Од ООУ Христијан Тодорвски Карпош од село Драгоманце, Општина Старо Нагоричане, велат дека имаат формирано инклузивен тим на ниво на училиште и на ниво на ученик, како обврска од Законот за основно образование. Вклучени се пет ученика со посебни образовни потреби (ПОП), но само еден асистент.

„Проблемот настанува во доделување на асистенти на ниво на државата, таму каде што е помала потреба се доделени повеќе, а таму каде што се неопходни воопшто нема“, посочуваат од таму.

За управата е добредојдена и неопходна поддршка од сите институции. Потребни се реформи на секое ниво во образованието, велат тие, почнувајќи од самиот пристап и превозот до училиштето, инфраструктура, тоалети, адаптирани училници и слично.

„Најголем проблем со кој се соочуваме е недоволна комуникација. Најчесто при секое наше прашање како да постапиме во одредена ситуација, институциите ја префрлаат топката од едни на други, потребно е поголема ажурност и квалификуван кадар околу прашањата за лицата со ПОП. Друг голем проблем е оценување на самите ученици при што во свидетелствата не е наведено како се оценуваат дали според ИОП (индивидуален образовен план) или модифицирана програма, и наидуваме на револт од другите ученици и наставници“, потенцираат од школото од село Драгонманце.

Беровското школо „Дедо Иљо Малешевски“ веќе формирало стручен тим. Според директорката Наташа Автамска, тие немаат социјален работник, но психологот има дипломирано социологија, па неговото знаење го користат и во тој дел.

Досега со сопствени средства опремиле сензорна соба. Различната асистивна технологија, смета таа, помага со децата да работат стручни, но и не толку стручни лица.

„Како недостаток е тоа што често се најавуваат учебници за децата со посебни потреби, за инклузивноста да биде на ниво. Меѓутоа, ние не видовме учебници. Тоа треба да го решава ресорното министерство. Мила Царовска кога беше министер на состаноците и’ посочивме дека некои дечиња имаат намален вид, намален слух. Се’ си има своја тежина. Таа рече дека работат на изработка на тој тип учебници, прилагодени за тие дечиња. Но, ние за несреќа не ги добиваме ниту редовните“, реагира директорката Аврамска.

Инклузивниот тим на ООУ „Гоце Делчев“ од Гостивар се состои од седум луѓе. Тука членуваат директорот, дефектологот, одделенски наставник, предметен наставник и двајца родители. Моментално е доделен образовен асистент на двајца ученици.

„Имаме потреба од простории, сензорни соби каде ќе се работи со тие деца, а нормално и дополнителен кадар. Потребна е и поголема вкученост на образовните асистенти. Е, тука доаѓа проблем со дел родители. Кога ни доаѓаат на упис, доколку се воочува потреба кај детето, ги препраќаме до МКФ да направат проценка, но, некои не сакаат, немаат слух. Како да не сакаат да прифатат. Кажуваат ‘на моето дете ништо не му фали, зошто така’ и слично“, раскажува в.д. директорката Гордана Мојсовска.

Имале и конкретен пример со едно прваче, односно со родителот, кој и покрај проценката на МКФ-службите смета дека неговото дете нема потреба од образовен асистент.

„Значи, треба да се поработи и со родителите. Можеби на поинаков пристап, да го увидат бенефитот за нивното дете. Ние не смееме да ги присилуваме, можеме само да им кажеме, да ги насочиме. Одлуката е на родителите“, посочува директорката.

ФОТО: Taylor Wilcox / Unsplash

Процесот за инклузија во ООУ „Васил Главинов“ – Велес започнува пред 15-ина години со запишувањето на првиот атипичен ученик, а во овој момент инклузирани 25 ученици со разни попречености.

Специјалните едукаторки Тања Индова и Сања Ѓорѓиевска наведуваат како училиштето располага со пристапна рампа, лифт, адаптирани тоалети, посебна просторија за специјалните едукатори за индивидуална работа, дидактички помагала и материјали, сензорна соба… Формиран е и инклузивен тим од седум члена.

„Во нашето училиште се доделени 12 образовни асистенти за 13 ученици со попреченост (1 образовен асистент е ангажиран кај двајца ученици со попреченост во исто одделение како резултат на недостатокот на образовни асистенти). Како специјални едукатори сметаме дека еден образовен асистент треба да биде ангажиран исклучиво само на едно дете со попреченост, бидејќи самата состојба на ученикот не дозволува, образовниот асистент подеднакво да се посвети на двајца ученици. Се надеваме дека во иднина ќе се регулираат законските нормативи за работните позиции на образовните асистенти, а со тоа ќе се прецизираат и нивните работни задачи, обврски, одговорности и работното време“, посочуваат Индова и Ѓорѓиевска.

Иако специјалните едукатори и стручните соработници се главните носители на инклузивните практики, велат тие, сепак скратено им е правото на финансиски додаток за работа со ученици со попреченост.

Ситуацијата во ООУ „Димитар Влахов“ – Штип, според одговорните во школото, кажува дека тамошниот инклузивен тим брои осум членови, односно вклучен е и психолог и педагог, заради подобра и поефикасна работа. Повеќе наставници и стручни соработници веќе биле опфатени со разни обуки. Пред ланската школска година опремиле сензорна соба, а преку проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ се надеваат дека да набават асистивна технологија. Имаат три образовни асистенти.

Меѓу другото, како потреба гледаат да се зајакне соработката со т.н. Училишта за поддршка (Центри за поддршка).

„Потребно ни е и едукација во врска со спроведувањето на модифицирани програми, се’ уште не сме имале ученици со ваква програма, но би требало да сме подготвени. Поддршка е потребна секогаш, во набавување на асистивни технологии, обуки за користење на истите, обуки на кадарот, инфраструктура, изградба на пристапни тоалети, пристапност до сите спратови… тоа е финансиска, организациска и логистичка која би можела да биде и од локално и од центално ниво“, велат од „Димитар Влахов“.

Скопското „Ј.Х. Песталоци“ од Општина Центар располага со комплетен инклузивен тим. Тврдат, тој успешно функционира е и вклучен во сите сегменти од наставниот процес. Обезбедиле и сензорна соба што им е од голема помош и поддршка. Соработката оди со Ресурсниот центар „Иднина“, Општина центар што им обезбедува лични асистенти, а преку МКФ добиваат образовни асистенти.

Според нив, поставеноста на системот на инклузивно образование е се’ уште на почеток и се соочува со предизвици. Особено ја истакнуваат потребата од специјални едукатори и рехабилитатори, односно комплетирање на стручните служби во основните училишта во општината.

Она што се забележува кај повеќето училишта, е потребата од поголема комуникација со Службата за функционална проценка на деца и младинци (МКФ). Дел реагираат дека ненавремено се повикуваат децата со родителите на првична проценка, па некои се ставени на листа на чекање со месеци. А, без да поминат термин, владее неизвесност дали и кога би добиле образовен асистент, модифицирана програма или Индивидуален образовен план (ИОП), со цел потоа инклузијата да се одвива во школите.

Проблемот е што се пролонгираше формирањето на МКФ-службите по региони. Секој стручен тим треба да е составен од лекар, психолог, социјален работник, специјален едукатор и рехабилитатор, со најмалку три години работно искуство во струката и најмалку една година искуство во имплементација на МКФ, од редот на вработените во Службата.

Идејата е да се направат 10 вакви стручни тела ширум земјата, со што би се тргнал притисокот од службите во Скопје, воедно родители за проценка да не патуваат далеку од својот град. Сепак, до овој момент има две во Скопје, Гостивар, Битола, Струмица и една нецелосна во Куманово.

„Ќе отвориме сега и Охрид, Велес, а Куманово веќе почна да работи телото, но се’ уште не е комплетирано. Сега сме во завршна фаза, мислам дека за 10-15 денови ќе биде комплетирано. Практично, со тоа ќе остане уште Штип. Таму имаме проблем со вработувањата, немаме доволно кадар“, вели Раководителот на Службата за функционална проценка при ЈЗУ Здравствен дом, Горан Петрушев.

Стручните тела сега имаат и зголемен опфат на работа, со цел земјава преку меѓународно признатата рамка (МКФ) да се тргне од ригидниот систем на „категоризација“. Оттука, со новиот Правилник на функционална проценка, освен за образовни услуги, добија задачи да прават проценки и за социјални и здравствени мерки – посебен додаток, ортопедски помагала итн. Ваквата поставеност, освен што отвори ново поглавје за да се задоволат меѓународните критериуми, ја тестира оптовареноста на службите и капацитетите на сите вклучени страни.

„Мора и самите училишта да ја сфатат инклузијата. Да достигнат повисоко ниво. Да вложуваат, учат, да се развиваат. Постојат добри примери, но постојат и примери каде се’ уште одбиваат да примаат деца со попреченост, или ги праќаат во посебни училишта (кои сега станааа Ресурсни центри н.з.). Сите тие притисоци се слеваат и кај нас. Тоа ни прави дополнителни гужви. Не можеш да правиш и проценки, и да бидеш сервис за информирање, за школи, за социјални центри. Се’ кај нас. Тоа не е така замислено. Ние треба да правиме проценки, а спроведувањето е кај другите“, забележува Петрушев.

Фото: Радио МОФ

За него е несомено дека постои напредок во целиот инклузивен процес, но бара побрзо темпо и приоритети. Петрушев веќе истакна нужност за повеќе обуки и поширока примена на функционалната проценка по МКФ. Апелираше да се прошири меѓу здравствените работници што вршат дијагностика, потоа кај наставниците и стручните соработници во образованието, како и вработените во детската и социјална заштита, со цел да се говори за „способности“ и „можности“, наместо за „неспособност“ и „оштетувања“.

„Нема назад. Сите мора да ја сфатат својата улога, во интерес на децата. Треба и ресурсните центри да обезбедуваат повеќе сервиси, материјали, знаење. Министерствата мора да ја следат инклузивната политика. Не може инклузија без пари. Ова е процес во кој треба да се вложува, не треба да се остави сам на себе“, потенцира Петрушев.

И УНИЦЕФ бара повеќе инвестиции

Вложувањето што го говори Петрушев на 1 септември го истакна и претставничката УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани. Повика на зголемени инвестиции за да се обезбеди квалитетно и инклузивно образование.

„За да го направи квалитетното инклузивно образование реалност за сите деца, земјата треба да го зголеми јавното финансирање и инвестициите во образованието на сите нивоа, вклучително и предучилишното, истовремено обезбедувајќи ефикасна и правична распределбата на ресурсите за општините и училиштата. Распределбата на средства треба да биде соодветна за да им овозможи на училиштата да ги исполнат националните образовни стандарди и да го олеснат пристапот и вклучувањето на најранливите деца, вклучувајќи ги и оние со попреченост, од етничките малцинства и од социоекономски ранливите домаќинства“, стои меѓу другото во ставот на ДиЏовани.

УНИЦЕФ повикува на зголемени инвестиции за да се обезбеди квалитетно и инклузивно образование за секое дете

Вакви забелешки лани нотираше и Комитетот за правата на децата при ОН. Таму се нагласени средствата и човечките ресурси што треба да бидат доверени на МКФ-службите, за непречено да тече новиот модел на проценки.

Исто така, Комитетот е загрижен меѓудругото, за: празнините во собирањето на расчленети податоци за децата со попреченост. Недоволни финансиски и човечки ресурси за спроведување на Законот за основно образование и моделот за проценка на попреченоста врз основа на МКФ. Недостапноста и несоодветноста на училиштата, зградите, транспортните средства и просториите за деца со попреченост, што ја попречува нивната пристапност. Постоењето предрасуди кои имаат влијание врз маргинализацијата и дискриминацијата на децата со попреченост при пристапот до здравствени, образовани и услуги за заштита на нивните права, се дел од согледувањата.

Се’ уште се „крчка“ инклузивниот Закон за средно образование

Ако во основното образование пред две години беше внесена можноста основците од државата да добијат образовни асистенти, тоа не важи и за средношколците. Тие се’ уште чекаат на Законот за средно образование, кој одамна е во изработка.

„Во постапка е нов Закон за средно образование, кој предвидува ангажирање на образовни асистенти и во средните училишта, каде во моментов ваков тип на стручен кадар се ангажира преку програмата за општокорисна работа поддржана од УНДП“, рече министерот Јетон Шаќири на ден пред првиот училишен час.

Сепак, веќе неколку пати објавувавме дека таквиот начин недоволно функционира. Искуства покажаа, преку тој систем слабо беа платени образовните асистенти, или им доцнеа платите, водени беа како хонорарци со по 7-8.000 денари, а истовремено обавуваа функција и на лични асистенти, наставници и педагози, без доволен број материјали. Се’ на нивна одговорност, па многу од нив се откажуваа.

Плус, финансискиот товар така паѓа на родителите, а не на државата, која издвојува и плаќа по 24.000 денари за вработување образовни асистенти преку Ресурсните центри, како поддршка на наставникот, но – само за основците. Оттука и е револтот кај повеќе родители на средношколци, кои сметаат дека се ставени во нееднаква и незавидна положба, сами на себе, а воедно е отежната инклузивната транзиција од основно во средно школо.

***

За различни прашања во темата се обративме и до министерствата за образование, здравство и труд и социјална политика, за да ни одговорат согласно надлежностите за школите, инвестициите или опремувањето на МКФ-службите. До објавување на текстот не добивме одговор од ниту едно од нив, иако прашањата беа пратени на 1 септември.

Бојан Шашевски