Спасовски: Македонија има квалитетен Закон за азил

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска нагласи дека пред два месеца стапи во сила ново законско решение, како своевидна надградба на претходниот Закон за азил и привремена заштита, кое смета е квалитетна правна рамка.

Спасовски присуствуваше на втората сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „АЗИЛ – меѓународна и привремена заштита“, каде рече дека со овој нов надополнет законски акт се прави „значително допрецизирање на одредбите што ги дефинираат статусот, процедурите, постапките во процесот на меѓународна и привремена заштита на лицата бегалци, но и на новините особено околу условите и механизмите за ограничување на правото за слобода на движење на лицата баратели на азил, притоа целосно следејќи ги директивите на Европската унија од оваа област“.

Како што пренесува МИА, според министерот станува збор за квалитетна правна рамка, фундирана врз почитување на постоечката домашна регулатива но и врз нашите обврски произлезени од декларираната заложба за целосно интегрирање во ЕУ. Таа, правна рамка, рече тој, треба, во периодот што е пред нас, да резултира со донесување низа подзаконски и други акти кои ќе треба да обезбедат институционална оперативност и функционалност на законот, негово системско имплементирање, повеќеинституционално делување, но и зголемување на степенот на регионална и меѓународна соработка.

Инаку, организации вчера за Радио МОФ потенцираа дека е среќна околност што е укинат стариот контроверзен Закон, но, сепак, реагираа и на делови од новото законско решение. Пример, како членот што вели дека МВР има право до пола година да одговори на барањето на азил.

„Ова значи, законот му дава целосно право на МВР да ги задржува барателите на азил до шест месеци. Само да напоменам, колку е тоа лошо решение – само Унгарија има таков закон, кадешто ги затвора барателите на азил. Затоа, дефинитивно сметам дека со овој момент се враќаме назад на 2015 година, кога Прифатниот центар Гази Баба беше осуден од ‘Хјуман рајтс воч’ и ‘Амнести интернешнел’. Дефинитивно ова ќе даде широк спектар и ќе го легитимира правото на МВР да ги држи во двата прифатни кампа – Винојуг и Табановце, каде условите воопшто не се соодветни за некој да биде лишен од слобода шест месеци“, рече Мерсиха Смаиловиќ од „Легис“.

Светскиот ден на бегалците ги извади на површина проблемите за барателите на азил