Светскиот ден на бегалците ги извади на површина проблемите за барателите на азил

Ние сме земја каде постојат добри напишани законски решенија, но, сепак,  имплементацијата е секогаш предизвик да се оди чекор понапред. Со оглед дека станува збор за Закон (за меѓународна и привремена заштита н.з.) кој е стар само две-три недели, се уште не можеме целосно да ги видиме придобивките кој ги нуди. Но, она што можевме да го видиме и на што реагираме, е правото на МВР да ги ограничува движењата, т.е. да ги затвора барателите на азил, додека не се одлучи по нивното барање, вели Мерсиха Смаиловиќ од организацијата „Легис“.

Смаиловиќ денес беше дел од тркалезната маса „Новиот закон за азил-подобра или полоша законска рамка за бегалците?“ организирана на Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, во духот на одбележувањето на Светскиот ден на бегалците.

Пред официјалниот дел, Смаиловиќ во разговор за Радио МОФ потенцираше дека е среќна околност што е укинат досегашниот Закон, кој имал премногу нарушувања на човековите права, конвенциите за бегалци и слично. Според неа, ресорното министерство направило добра појдовна точка со носење ново законско решение, сепак, смета таа, постојат делови за кои организациите реагираат. Пример, како оној член што вели дека МВР има право до пола година да одговори на барањето на азил.

„Ова значи, законот му дава целосно право на МВР да ги задржува барателите на азил до шест месеци. Само да напоменам, колку е тоа лошо решение – само Унгарија има таков закон, кадешто ги затвора барателите на азил. Затоа, дефинитивно сметам дека со овој момент се враќаме назад на 2015 година, кога Прифатниот центар Гази Баба беше осуден од ‘Хјуман рајтс воч’ и ‘Амнести интернешнел’. Дефинитивно ова ќе даде широк спектар и ќе го легитимира правото на МВР да ги држи во двата прифатни кампа – Винојуг и Табановце, каде условите воопшто не се соодветни за некој да биде лишен од слобода шест месеци“, смета Смаиловиќ.

Според неа, најголемиот проблем за имплементацијата на овој закон лежи во министерството, каде, вели таа, во моментов има четворица баратели на азил, од кои само двајца се под супсидијарна заштита.

„Тоа не ти го решава проблемот, тоа е само за една година, а другите двајца се со одбиена заштита. Каде да се вратат? Во Сирија? Значи, постои сериозен проблем во имплементацијата. Се надеваме дека со овие дискусии законодавецот и извршната власт ќе успеат да се држат кон словото на законот“, вели таа.

Тркалезна маса „Новиот закон за азил-подобра или полоша законска рамка за бегалците?“

Елена Брмбеска од Хелсиншки комитет за човекови права на РМ потенцира дека дебатата е да се адресираат и добрите, но и оние законски измени кои ги карактеризираат како проблематични.

Потенцира дека Здружението на млади правници веќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за уставноста на членовите од законот, особено оние кои се однесуваат на можноста за ограничување на слободата на движење на барателите на азил.

„Како организација, сметаме дека некои делови навистина можат да доведат до значителни злоупотреби. Иако бројот на бегалците во Република Македонија е значително намален во однос на изминатите неколку години, сепак, сметаме дека движењето се уште постои. Уште има бегалци кои побараа и добија азил или супсидијарна заштита, и нивниот третман во иднина значително зависи од тоа како законот ќе се спроведува во иднина“, вели Брмбеска за Радио МОФ.

Меѓународните организации денеска го одбележуваат Светскиот ден на бегалците, на кој УНХЦР потсетува дека речиси 70 отсто од лицата кои бегаат преку граница потекнуваат од само пет земји: Сирија, Авганистан, Јужен Судан, Мијанмар и Сомалија. Повеќе од половина од овие мигранти се малолетни, а во голем дел од случаите станува збор за деца кои при бегањето се раздвоени од своите семејства и на неизвесното патување се оставени без родителска заштита.

Податоците покажуваат дека многу голем дел од бегалците се прифатени и згрижени од држави кои имаат ниски или средни приходи по глава на жител, а не од побогати земји каде населението има високи приходи. Досега најмногу бегалци згрижиле Турција, по што следат Пакистан, Уганда, Либан, Иран и Германија.

Хелсиншкиот комитет за човекови права потенцира дека бројот на мигранти секоја година е поголем за по неколку милиони. Воено-политичките конфликти и прогоните во родните земји се главните причини поради кои луѓето во изминатите неколку години се решаваат да ги напуштат своите домови и да избегаат во други земји.

„Податоците на меѓународните организации покажуваат дека изминативе пет години бројот на бегалци во светот постојано расте и од година в година бележи нов рекорд. Според извештајот на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР), во 2017 биле регистрирани вкупно 68,5 милиони бегалци, што е за три милиони повеќе отколку во 2016 година“, соопштува Хелсиншкиот комитет.

Во изминатите 3 години, велат од Комитетот, бегалската криза предизвика бурни промени во целиот свет, вклучително и во балканските земји, тестирајќи ги актуелните влади и политичари во почитувањето на законските рамки и основните човекови права.

„Иако голем број бегалци беа прифатени во Европа, значително голем е и бројот на оние кои ги изгубија своите животи на европско тло. На патот кон Европа, тие често наидуваа на омраза, ксенофобија и одбивање од страна на државите и граѓаните, а во поретки ситуации на отворени раце и добредојде. Македонија е токму една од земјите која во изминатите 3 години се најде засегната како дел од таканаречената ‘Балканска рута’“, посочуваат од Комитетот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера истакна дека Македонија е одлучно спротиставена на идејата за отворање бегалски кампови на своја територија.

„Република Македонија има јасен став по ова прашање, тој став е дека ние имаме транзитни центри, значи само прифатни, за кратко време, на бегалци коишто можат да поминат низ територијата на Република Македонија како што беше во изминатиот период. Не гледаме причина тој став да се промени, апсолутно дека ние можеме да соработуваме, заеднички да се штитиме од евентуален мигрантски бран меѓутоа не може Македонија да биде место кадешто ќе имаме заеднички кампови и тука да бидат на подолг рок“, изјави Спасовски по состанокот на министрите за внатрешни работи од земјите на Западниот Балкан со нивните бугарски и австрики колеги, како и еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос.

Данска и Австрија, која го презема кормилото на ЕУ на 1 јули, неодамна ја објавија идејата за отворање на кампови за бегалци, чии барања за азил се отфрлени во ЕУ, тие луѓе да бидат префрлени во кампови „во Европа, но надвор од ЕУ“. Повеќе дипломатски извори од овие две земји прецизираа дека станува збор за земјите од Балканот, односно најверојатно Албанија.

Новинската агенција ДПА, повикувајќи се на нацрт-документ што ќе биде објавен по Самитот на ЕУ, што ќе се одржи на 28 и 29 јуни, објави дека ЕУ следната недела ќе почне со подготовка на „регионална излезна платформа“ врз чија основа ќе се одлучува за барањата за азил на мигрантите пред да стигнат во Европа.

Бојан Шашевски