„Спас за Валандово“ денес повикува на собир и бара јавна седница за распишување референдум за рудникот

Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ денес од 18 часот во Валандово повикува на јавен собир за мирно изразување и споделување на мислења и ставови со сите граѓани на општината.

Ваквиот собир, велат од иницијативата, е поради загриженоста за последиците од евентуално отварање на рудник насред земјоделски регион како што е Валандово, но и бидејќи сметаат дека ова прашање е надпартиско, надверско и ги засега сите до последен.

„Ве повикуваме сите, без разлика на верска, национална, политичка или било каква друга определба, сите оние кои сметате дека Валандово не е рударски град, дека Валандово треба да остане земјоделски регион, регион без тешка и загадувачка индустрија, место каде што сакаме да живееме и во иднина, со нашите и вашите деца и внуци“, стои во повикот за првиот собир на иницијативата, кој денес од 18 часот е најавен во градскиот парк „Пеонија“ во Валандово.

Spas za Valandovo

Активисти од иницијативата пред два дена ги посетија советниците на Општина Валандово. За Радио МОФ вчера потврдија дека писмо е испратено до градоначалникот Николче Чурлиновски, претседавачот на Советот, Јасминка Сечкова, и до сите општински советници.

Од иницијативата бараат јавна седница со присуство на граѓаните во соодветен простор и тајминг и единствена точка на дневен ред распишување на референдум преку кој ќе се овозможи луѓето да го искажат своето мислење.

„Според информациите од медиумите што ги добивме закажана е седница на која јавноста и иницијативата ‘Спас за Валандово’ се исклучени од седницата, а инвеститорот ќе биде присутен. Исто така нашето барање за референдум воопшто не е поставено на дневен ред на седницата закажана за четврток. Бараме поддршка од сите советници и да не дозволиме јавноста и овојпат да биде изманипулирана. Сограѓани не смеееме да дозволиме мала група на луѓе да одлучуваат за нашата и иднината на нашите деца. Најавуваме радикализација на отпорот доколку ниту едно од овие наши барања не се исполни!! #СпасЗаВаландово #АктивирајСе#ПриклучиСе“, стои во денешното соопштение на „Спас за Валандово“. 

Б.Ш.