„Спас за Валандово“ до Општината испрати писмо со барање за референдум

Иницијативата „Спас за Валандово“ за Радио МОФ потврдува дека денеска до општинарите поднеле писма со барања за референдум, со кој жителите на Валандово, по примерот на Гевгелија би се изјасниле „За“ или „Против“ отворање рудник за бакар, злато и сребро во областа Казандол.

Писмата се пратени до градоначалникот Николче Чурлиновски, претседавачот на Советот, Јасминка Сечкова, и до сите советници во општина Валандово.

„Без оглед на писмените гаранции на инвеститорот Сардич дека ќе се запазат сите европски стандарди во процесот на преработка на рудата, сите експерти што ги консултиравме и еколошките друштва од регионот предупредуваат на сериозни потенцијални закани врз здравјето на локалното население. Тоа предизвика голема загриженост кај најголем дел од граѓаните во општината Валандово. Затоа, од вас како Совет и претседавач, бараме најитно да закажете седница на општината, на која бараме единствена точка на дневниот ред да биде референдум преку кој ќе се овозможи луѓето што се заседнати од отворањето на рудникот Казандол, да го искажат своето мислење“, стои во писмото.

Инаку, од иницијативата претходно информираа дека во текот на вчерашниот ден, нивни активисти ги посетиле советниците на Општина Валандово.

„Како граѓанска иницијатива, сметаме дека е неопходно граѓаните да го кажат своето мислење, и да го дадат својот глас, за или против отварање на рудник или било каков вид на тешка индустрија во општината. Согласни бевме со повеќето од советниците, дека станува збор за прашање од заеднички општ интерес. Прашање кое ги надминува апсолутно сите поделби по било која основа, пред се политичка, верска, национална…“, соопштуваат од иницијативата.

Б.Ш.