Сојузот на извидници со различни акции и настани го прославува февруари

Сојузот на извидници на Македонија (СИМ) и оваа година го одбележува светскиот ден на извидниците и го прославува февруари – месецот во кој е роден основачот на извидништвото – Лорд Роберт Баден – Пауел.

По тој повод на 22 февруари ќе се одржи крводарителска акција во Скопје во младинскиот центар Матично од 11 до 18 часот, а на 24 февруари ќе има централен настан за прослава на денот на извидниците. Настанот ќе се одржи во Домот на млади.

Од Сојузот информираат дека во тек е кампањата „Направи добро дело“ преку која ги идентификуваат потребите на локалната заедница и придонесуваат за подобрување, како и крводарителски акции ширум целата држава, како и еколошки акции за заштита на животната средина. Повеќе за останатите акции може да се види овде.

СИМ е формирана во 1953 година, а денес функционира на речиси целата територија на Република Северна Македонија и претставува најголема младинска чадор организација на 23 активни извиднички одреди во државата. Во моментов во организациите членки на СИМ, извидничка програма следат активно повеќе од 2500 деца и млади. Тие 23 извиднички одреди, согласно извидничкиот завет и закони, практикуваат програми кои кај младите развиваат вештини и поттикнуваат градење на карактерот.