[Подкаст] Срна Мајсторовиќ: 70 години извидничко движење во Македонија

„Преку патролниот систем работиме на тимските вредности и на тимскиот дух. Исто така има многу важен елемент, кој ми е можеби најомилен од извидничкиот метод, а тоа е учење од грешките. Односно, учење преку работа. Во самото формално образование, пример, учиме математика додека да добиеме оценка, па престануваме да учиме математика. Толку. Или одиме на факултет, поминуваме четири години, добиваме диплома и завршува нашиот пат. Завршува едукацијата. Но, тоа што е убаво во извидништвото е што нема вреднување на волонтерите. Односно, младите не добиваат награда ако научат да го прават логорскиот оган. Одлично е огништето, меѓутоа можеш ли подобро да го направиш? Како поголемо да го направиш, поефективно? За децата е важно да се всади дека во ред е да учат од грешките, но и да сфатат дека никогаш нема да стигнат до максимален степен. Секогаш треба да се надоградуваат. Да не се демотивираат на грешка, туку охрабруваат да најдат правилен начин“. 

Вака Срна Мајсторовиќ ги објаснува дел од вредностите и елементите на извидништвото. Мајсторовиќ е Комесар за програма во Сојузот на извидниците на Македонија (СИМ), кој моментално го одбележува февруари, месец кога е роден основачот на извидништвото Лорд Роберт Баден – Пауел.

По повод неговиот роденден, СИМ и извидничките одреди членки спроведуваат кампања „Направи добро дело“, преку која ги идентификуваат потребите на локалната заедница и придонесуваат за нејзино подобрување. Дополнително, организираат и крводарителски акции ширум Македонија, како и еколошки акции за заштита на животната средина.

Исто така, Сојузот годинава одбележува 70 години од своето основање, што значи седум децении извидничко движење во Македонија.

Оттука, Мајсторовиќ за Радио МОФ раскажува како оваа организација промовира мир, животни вештини и позитивни вредности, а согласно актуелните трендови постојано спроведува неформална едукација за младите, градејќи конструктивни индивидуи, кои активно придонесуваат за општествениот развој.

„Основачот Роберт Баден – Пауел (на почетокот) ги забележува недостатоците што ги има во општеството, особено кај младите. Бидејќи, војната не избира категорија на членство, не избира таргет група, притисоците ги чувствуваат сите. Самата идеја на основачот е да создаде сигурна средина за овие млади, каде ќе работи на нивниот личен развој и вредности уште од најмала возраст, за тие кога ќе пораснат да не бидат луѓето кои би предизвикувале војни, или да продолжуваат војни“, вели таа.

Денес, посочува дека на извидници се учи и за одржлив развој, за климатски промени, гледаат како да му помогнат да диверзитетот, учат демократија, младинско учество и активизам.

„Денес палетата на активности и вредности што Сојузот ги промовира е многу поширока, а тоа е причината што се’ уште во Македонија сме актуелни како движење. Бидејќи, го опфаќаме и она членство на кое им е интересно да одат во планина и да учат преживување, да учат морзеова азбука и сл., меѓутоа опфаќаме и таргет група која сака да се насочи кон посовремени правци“, објаснува Мајсторовиќ.

Извидничкиот метод пополнува „дупка“ на формалното образование? 

Раскажува дека она што ги разликува од останатите образовни движења е самиот метод – извидничкиот метод, кој опфаќа осум елементи. Извидниците гледаат тие елементи да бидат вклучени кога организираат некоја активност или настани.

„Пример, еден од тие елементи е природата. Уште во почетоците на извидништвото, самиот основач Баден Пауел кажал дека природата за луѓето може да биде и храм, и лабораторија. Душевниот мир луѓето може да го најдат само доколку активно бараат и сакаат да го посветуваат своето време во природа. Тоа е здраво и за нашиот физички развој. Понатаму, имаме вклученост во заедницата, а исто така, она што ни помага во работата е и самиот патролен систем. Во самата организација, младите кога треба да учат нешто, тоа го учат во мали тимови. Тоа е нешто уште на времето кога се создавал овој извиднички метод на работа, било забележано дека недостасува во формалното образование. Бидејќи, многу е поинаку кога четворица-петорица ќе се стремат кон усовршување на некоја вештина, за разлика кога сме 30-40 луѓе“, посочува таа.

Токму затоа лани започнале програма што се вика „School Scouting“. Односно, вели Мајсторовиќ, идентификувана е потребата секое дете да почувствува како е да се биде извидник.

„Знаеш, нема сите вечно да останеме во организацијата. Меѓутоа, убави се тие моменти, макар една-две-три години да се поминат такви искуства, значат многу за понатамошниот развоj кај една индивидуа. Како Сојуз не сме толку големи да може да ги опфатиме сите училишта и сите ученици, иако сакаме. Во моментов има едукација на професори и наставници, бидејќи ако не се лажам, Министерство за образование воведе регулатива за воншколски секции, па ние стапивме: зошто таа воншколска секција да не биде извидничка секција?“, вели Мајсторовиќ, посочувајќи дека се во почетна фаза, откако лани во Охрид била детално разработена извидничката програма, вредностите и вештините што треба да се пренесуваат и преку училиштата.

Извидништвото создава одговорни луѓе

Она што е важно за извидништвото, вели таа, е тоа што продолжува да функционира речиси низ цела територија на Македонија. СИМ е најголемата младинска чадор организација на 23 активни извиднички одреди, а извидничка програма активно следат повеќе од 2.500 деца и млади.

„Секоја организација си има свое управувачко тело што ја движи. За сите најзначајната структура во извидничкиот одред е советот на водачи. Тоа се всушност водачите на извидничките патроли. Водач на извидници можеш да станеш од 15-16 години, па нагоре. Тоа е доста интересен момент, конкретно за развојот на водачите. Сум имала искуство да запознаам млади на 15 години кои се извиднички водачи, но и оние кои не се такви. Разликата помеѓу овие две категории е голема, бидејќи ретко кој 15-годишник денеска знае за одговорност, да распоредува време, да има менаџмент вештини кои водачите ги стекнуваат од мала возраст“, потенцира Мајстроровиќ.

Објаснува дека секој водач си има своја патрола, одговорен е за група од 5-8 деца и тие си ја спроведуваат извидничката програма, согласно упатства од Сојузот, но имаат и слобода да воведуваат иновативни елементи. Односно, да организираат настани, акции, кампувања, итн.

„Генерално, самите извиднички одреди и извиднички водачи, тие си одлучуваат каде ќе биде акцијата, која ќе биде темата, кои вештини ќе се бодуваат, бидејќи овие акции се еден вид натпревари. Натпревари за она што го изучуваат извидниците во текот на една извидничка година. Тоа може да биде некое вештарство, пример, извидник ботаничар, 48 часа без технологија, имаме извидник топограф, извидник електричар….“, посочува таа.

Учење разни вештини преку акции

Во однос на локациите каде се одвиваат извидничките акции, Мајсторовиќ вели дека одредите имаат слобода да ги прават на национално ниво.

„Во Прилеп има извиднички одред ‘Феникс’. Си имаат своја акција ‘Фениксија’. Фениксија е нивна имагинарна држава, па извидниците кога доаѓаат на тоа натпреварување се сосема во елемент на таа ‘држава’. Пример, акцијата ја прават во Штабица, локација блиска до Прилеп, лесна за координација и организација. Исто така, имаме извиднички одреди и во Кавадарци, Битола, Велес, Штип… Во Свети Николе, пример, си имаат свој извиднички дом – планинарски дом во село Орел“, објаснува Мајсторовиќ.

Од друга страна, извидниците се’ уште го имаат задржано оној момент од минатото, оние т.н. „воени вештини“, па секоја година Сојузот организира и државен извиднички ориентационен натпревар.

„Ова е можеби најпрестижниот натпревар за извидниците во државата, бидејќи многу е тешко да се освои пехар. Има долги хајкови, има многу ориентација, задачи за решавање, компас (бусола), да мериш азимут, да знаеш да се снаоѓаш со агломер и со шестар… Така што, извидниците се спремаат и можеби 2-3 месеци пред овој натпревар. На самиот натпревар имаме вештини за бодување како прва помош, морзеова азбука, семафор-сигнализација со знаменца…“, потенцира таа.

На секои пет години, СИМ организира и интернационално кампување. Тоа го викаат смотра. Постојат и светски смотри, а годинава се среќни летото да им биде „набиено“ и да организираат своја, 13-та по ред македонска смотра.

„Исто така ќе бидеме учесници на светската извидничка смотра во Јужна Кореја. За нашата извидничка смотра во месец јули во Крушево очекуваме 2.500 извидници од целиот свет. А, во Јужна Кореја ќе бидеме во можност да бидеме дел од популација од 50-60.000 извидници. Тоа ќе биде убава можност за македонските извидници, да ја почувствуваат интернационалната димензија на извидништвото“, потенцира Мајсторовиќ.

Бојан Шашевски
Фото: Сојуз на извидници на Македонија