Сојузот на извидници со низа акции и настани го одбележува месец февруари

Сојузот на извидници на Македонија (СИМ) традиционално секоја година го прославува февруари, месец во кој е роден основачот на извидништвото – Лорд Роберт Баден – Пауел.

По повод неговиот роденден, СИМ и извидничките одреди членки спроведуваат кампања „Направи добро дело“, преку која ги идентификуваат потребите на својата локална заедница и придонесуваат за нејзино подобрување. Дополнително се организираат и крводарителски акции ширум целата држава, како и еколошки акции за заштита на животната средина.

„Клучен настан за македонските извидници овој месец ќе биде централната прослава во град Прилеп, каде што на 25 февруари на едно место извидниците од цела држава ќе се соберат да го слават извидништвото и неговиот основач, како и да придонесат кон создавање подобар свет преку низа на активности“, велат од Сојузот.

Од таму посочуваат дека СИМ е младинска чадор организaција основана во 1953 година. Како организација со 70 годишна традиција, преку промовирање на мир, животни вештини и позитивни вредности, согласно актуелните трендови континуирано спроведува неформална едукација за младите градејќи конструктивни индивидуи, кои активно придонесуваат за општествениот развој.

„Цел на СИМ, 70 години подоцна, се’ уште е да придонесе во развојот на младите луѓе, во достигнување на нивните потполни физички, интелектуални, општествени и духовни можности како поединци, како одговорни граѓани и како активни членови на нивните локални и национални заедници, како и во меѓународната заедница“, посочуваат од Сојузот.