Сојуз на средношколци: Проблемот со јавниот превоз на ученици во Општината Конче е решен

Од вчера, 66-те ученици кои живеат во Конче, а учат во гимназијата „Коста Сусинов“ имаат бесплатен превоз до нивното училиште, соопшти Сојузот на средношколци.

Од Општината Конче информираа дека стапиле во контакт со раководството на рудникот „Боров Дол“ за да организираат некаков превоз за учениците. Сепак, Општината не е законски обврзана да организира бесплатен превоз бидејќи во нејзината територија нема средно училиште. Но, оттаму донеле одлука ако средното училиште „Коста Сусинов“ и Министерството за образование не си ја исполнат законската должност за бесплатниот превоз на учениците, тогаш Општината ќе купи комбиња.

Поради немање превоз, учениците губеа часови и не ја посетуваа наставата со денови. Од Сојузот посочија дека проблемот настанал поради пропусти на претходните локални власти во општините Радовиш и Конче, поради кои превозниците на учениците на линијата Конче-Радовиш-Конче ги изгубиле лиценците откако им истекол рокот.

Од Сојузот се заблагодаруваат на градоначалникот Ристов за неговата помош и соработка за наоѓање на решение.

„Ние ги потсетивме институциите на нивната законска и уставна обврска. Проблемот е решен: средношколците повторно имаат превоз. Сепак Сојузот е свесен дека вакви проблеми се јавуваат низ целата територија на нашата земја“, се вели во нивното соопштение.

Но, истакнуваат дека е потребно долгорочно решение.

„Најавуваме дека моментално Сојузот работи на подготовка на ново решение за превозот на ученици со цел истиот да биде праведен, универзален за сите средношколци и поефикасен. Нашиот предлог ќе се однесува на целата земја, а на јавноста благовремено ќе ѝ биде достапен“, најавуваат од Сојузот.