Со проектот „Чудна шума“ во кој учествуваат студентите на ФМУ ќе се одбележи Меѓународниот ден на танцот

Искра Шукарова, кореограф и професор на Факултетот за музичка уметност и  Урсула Еагли, кореограф од САД, заедно со студентите од катедрата за современ танц при ФМУ (Факултетот за музичка уметност) во недела (на 29 април), со современ танцов перформанс ќе го одбележат Меѓународниот ден на танцот. Настанот ќе почне во 20 часот во фоајето и Камерната сала на Македонската филхармонија.

Оваа вечер има за цел да направи пресек на уметничкиот и едукативниот современ танцов процес. Публиката ќе има можност да го види работниот процес на студентите при ФМУ и самостојното дело на Урсула Еагли, остварено во склоп со кореографското дело на Шукарова, а насловено „Чудна шума“.

На овој современ танцов настан поканет е музичкиот уметник Џијан Емин, кој ќе биде вклучен како соработник во креирањето на музичкиот концепт. Заедно со Јошико Чума од Јапонија, Џијан Емин во 2007 година во Њујорк, веќе оствари соработка со Шукарова и со Еагли на проектот „Страница надвор од редот“.

Програма што ќе биде претставена на Денот на танцот – 29 Април, ќе биде изведена како перформанс на кој, како што велат и двете кореографки, ќе се обидат да ја воспостават нишката на структурираното општествено живеење, пренесувајќи ја публиката низ суспендираните магични базени од сластни танци. Во проектот „Чудна шума“ учествуваат: Урсула Еагли, Искра Шукарова, Деана Антевска, Јована Јанчовска, Бојан Мицев, Јана Петровска, Росана Стефанова, Ана Маркоска, Марија Ристеска, Теодора Ежовска, Христина Ангеловска, Стефанија Лефтеровска, Милена Гаврилова, Тања Василевска, Елена Костадинова, Бисера Димчева, Ангела Костадиновска и Олга Серафимова.

Итовремено, на овој настан ќе биде промовирана и работата на катедрата за балетска педагогија – отсек за современ танц, која е формирана во 2010 година на ФМУ.