Граѓански иницијативи до партиите: Кој е вашиот став за загадувањето, урбанизмот, владеење на правото и квалитетот на живот?

Граѓанските иницијативи, независните иницијативи кои учествуваа на локалните избори и еко-здруженија денеска до политичките партиите доставија прашања, на кои очекуваат конкретни одговори до 2 мај.

 „Со досегашното делување стекнавме искуство, но и големо знаење за состојбите и потребите за промени. Неброено пати ги повикувавме институциите за да бидеме заедно на страната на промените, за да се подобрува, унапредува и да се обезбеди квалитетен живот на сите граѓани. Затоа денес до политичките партии учесници на изборите доставуваме 18 прашања на кои наместо флоскули и демагогија очекуваме конкретни одговори со рокови, буџет и одговорни институции и личности. Само така ќе бидеме убедени дека се знае како да се променат работите, а не само да се ветува без план!“, соопштуваат тие.

Од таму посочуваат дека скоро 70% од законите се спроведуваат на локално ниво, во нашите општини. На прагот сме на парламентарни избори, а одлуките кои следните парламентарци ќе ги носат, велат тие, директно ќе влијаат и на политиката на локално ниво.

„Ние на овие избори не учествуваме директно, но и ние и останатите граѓани гласаме. И сакаме информирано да гласаме!  Одговорите од партиите ги очекуваме до 2 мај. Јавно и во целост ќе ги објавиме пред гласањата на 8 мај за да бидат патоказ, но и обврска за периодот кој следи.  Како граѓани, имаме право на одговори за клучните прашања поврзани со: загадувањето, урбанизмот, владеењето на правото, квалитетот на животот“, стои во соопштението на здружените иницијативи и организации.

Потенцираат, нивните заложби се јасни: транспарентно, чесно, законито и правично општество за сите, политики кои ги штитат граѓанинот и јавниот интерес, обезбедуваат и стимулираат активно граѓанско вклучување и обезбедуваат здрава животна средина и подеднакви квалитетни услуги за сите граѓани низ државата.

„Во исчекување сме да ги чуеме конкретните одговори од учесниците на изборите. Од нивниот одговор зависи и нашиот одговор на гласањето“, стои во соопштението.

Во самиот прашалник, за партиите има прашања за тоа што конкретно би преземале во текот на следната година, во следните 3 и 5 години за бројката од 5.600 жртви од загадувањето да не расте, но и кога ќе почнат и ќе го завршат префрлувањето на 700 јавни објекти од мазут и нафта на незагадувачки енергенси за загревање. Исто така, кои се чекорите за справување со отпадот и транспортот, кој им е ставот за рудниците, кога ќе направат фонд за животна средина од сите еколошки такси, како ќе ја запрат легализацијата на дивоградбите, што ќе прават со проектот „Скопје 2024“, како ќе овозможат полесно да се спроведуваат локални референдуми, како ќе го намалат бројот на жртви во сообраќајот, дали имаат јасен план за справувањето со бездомни кучиња итн.

На секое од прашањето бараат одговор, рок за спроведување, колку ќе чини, од кој буџет, кој е одговорен за спроведувањето, но и одговорност доколку не се исполни во дадениот рок.

Зад прашањата стојат: Шанса за Центар; O2 Иницијатива; Зелен хуман град, Зелените од Гази Баба; Независни за Карпош; Заедно за промена; Стига е; За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода; Грин.Орг; Охрид СОС.