Слушачки промоции на новиот албум на „Мугер Фугер“ во Скопје и Куманово

Дванаесеттиот албум на култниот рокенрол состав „Мугер Фугер“ наречен „Дом на змии и влекачи“ е спремен, па утре и задутре (11 и 12 март) ќе се одржи негова слушачка промоција во Скопје и Куманово.

Најпрво утре од 21 часот во „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија, а ден потоа во истото време ќе биде промовиран и во „Кјуб“ во Куманово.

„Со посебен ќеиф ве каниме на слушачка промоција каде што со членовите на бендот ќе имаме прилика да го преслушаме заедно“, соопштува издавачот „Wire“.

„Мугер Фугер“ е бенд од кој извира музичка одговорност за поттикнување напредна мисла и здрав разум. Сеад Хаџиќ-Сецко и дружината мисионерски обединуваат и активно се грижат за независниот прогресивен дух, па така нивните албуми досега вклучуваа различни музичари како Горан Трајкоски, Сашко Костов, Ади Имери, Мухамед Ибраими, Оливер Јосифовски, Ристо Солунчен, Мирко Попов, Огнен Атанасоски…