„Слободна среда“ – циклус концерти Музичка младина на Македонија

Четвртото издание на циклусот концерти „Слободна среда“ започнува на 1 март во Музејот на македонската борба.

Со почеток во 19 часот, а во организација на Музичка младина на Македонија (МММ), серијата концерти ќе продолжат и на 15, 22 и 29 март, како и на 5 и 12 април.  Сите концерти ќе започнуваат во 19 часот, а влезот е бесплатен за сите посетители.

Според програмата од оваа година се планирани шест концерти на кои ќе се претстават повеќе од 50 музичари, на возраст од 10 до 30 години, од повеќе градови во земјава.

„Платформата „Слободна среда“ претставува циклус концерти на кои настапуваат повеќе музичари или состави од музичари – инструментални и вокално- инструментални – кои се претставуваат со едно до две дела. Концертите им овозможуваат на младите учесници постепено да градат искуство на сцена и пред
публика. Нѐ радува тоа што секоја следна година заинтересираноста кај младите е сѐ поголема, а среда веќе станува резервиран термин и кај публиката“, истакна Александар Герасимовски од МММ.