Скопјани преку „МојГрад“ бараат урбани компостари за отпадот

Со поддршка од над 400 корисници на партиципативната платформа МојГрад, предлогот за изградба за урбани компостари се најде на првото место, поради што ќе добие влез во институционалните процедури преку советничката Драгана Велковска, соопштија од платформата.

Урбаните компостари се иновативен начин за справување со кризата со отпадот во главниот град. Како што појаснуваат од „МојГрад“, компостара во секоја општина во пракса би значело намалување на комуналниот отпад за 60 проценти, намалување на трошокот за транспорт и депонирање на отпад за половина од сега и елиминирање на можноста за самозапалување на депониите. Со ова Скопје би направило огромен чекор кон остварување на прогресивната цел за “нула отпад”.

Популарниот предлог доаѓа од Наталија Бургиева, чие здружение за производство на органски ѓубрива МамаОргана е дел од граѓанската коалиција „Зелен хуман град“ која ја претставуваат советничката Велковска и креаторот на „МојГрад“ Горјан Јовановски.

Зелени бизниси: МаМа Органа – Наместо генетски, да создадеме мајчински модифирана околина

„Со ова се остварува една од клучните цели на платформата МојГрад – да создаде мост меѓу активистите со експертиза во различни домени од урбаното живеење, и граѓаните како носачи на конечните одлуки. Препознавајќи ја издржаноста на предлогот, корисниците на МојГрад покажуваат во пракса дека директната
демократија функционира, кога постои цивилизирана и конструктивна дискусија насочена кон најдобро можно решение. Ваквиот пристап стои во дијаметрална спротивност со партиската диктатура, која граѓаните ги презира како некомпетентни самите да носат политики, и го приоритизира одржувањето на
моќта на политичарската класа и задоволувањето на бизнис интересите“, додаваат од платформата.

Објавена платформата „МојГрад“ за граѓанска партиципација во носењето одлуки во Советот на Град Скопје

Водечката тројка предлози на МојГрад во моментов ја комплетираат предлогот за отстранување на хаварисаните возила и предлогот за зелени градини во основните училишта. Во изработка се и новитети на самата платформа, кои ќе го подобрат процесот на одлучување и квалитетот на предлозите.

Инаку, пред десетина дена Советот на Град Скопје не ги стави на дневен ред на трите најгласани предлози на платформата „МојГрад“.  Советниците од владејачката коалиција ги отфрлија барањата, додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ биле воздржани. Од платформата ова го нарекоа пораз за демократијата, но најавија дека нема да се откажат од визијата за позелен град.