„Зелен хуман град“ по одбиените предлози: Пораз за демократијата во Советот на Град Скопје

Советот на Град Скопје вчера не ги стави на дневен ред на 71-та седница трите најгласани предлози на платформата „МојГрад“.  Советниците од владејачката коалиција ги отфрлија барањата, додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ биле воздржани.

„„Образложението е дека на тие предлози „веќе се работи“, иако не се на повидок субвенции за стерилизација на милениците, ниту се подобрува пристапот на улиците за хендикепираните лица, а напуштената фабрика Купрум продолжува да пропаѓа, без оглед што со години постои проект за нејзина трансформација во прв студентски град“, велат од граѓанската коалиција „Зелен хуман град“, под чија капа функционира „МојГрад“.

За коалицијата, вчерашната одлука на Советот е пораз за демократијата.

„Повеќе од илјада гласови за само десет дена на МојГрад укажуваат дека скопјани очајно имаат потреба за поинакви градски политики, но градските власти сметаат дека знаат што е добро за обичните граѓани повеќе од нив самите. Наместо да го спроведат тоа за што заедницата се изјаснила дека ѝ е потребно, тие како и секогаш наоѓаат бирократски изговори за сопствената пасивност“, реагираат од „Зелен хуман град“.

Субвенционирани стерилизации и кастрации на миленици со сопственици и маалски миленици, пристапна инфраструктура за лицата што се движат на тркала и пренамена на комплексот фабрики „Купрум“ во студентски град се првите три најгласани предлози кои вкупно добија речиси 1.000 гласови на платформата „МојГрад“. Тие влегоа во институционалните процедури, преку советничката Драгана Велковска.

Оттаму посочуваат дека трите одбиени предлози остануваат на нивната агенда и дека ќе продолжат да работат на нивна реализација преку други канали.

„Меѓутоа, со денешната демонстрација на моќ, уште еднаш беше потврден недостигот од демократски капацитет на партиско-политичката класа како главна причина за урбаната декаденција на Скопје низ годините“, се вели во нивната реакција.

Според коалицијата, кога властите го игнорираат народот, единствениот начин да се допре до нив е поголема масовност во гласањето на предлозите и поквалитетна дебата за изнаоѓање на најдобрите решенија.

„Платформата МојГрад е создадена токму за оваа цел. Колку повеќе естаблишментот се спротивставува на принципите на колективно одлучување и граѓанска контрола, толку повеќе неговиот легитимитет еродира, и толку поблиску сме до вистинско владеење на обичниот човек кој нема задни намери, кој не е дел од пресметани коалиции, и за кој концептот „зелен“ не е манипулација и евтина флоскула, туку визија и реалност“, стои во реакцијата на „Зелен хуман град“.