„Сите ќе умреме“ – стенд-ап претстава со Миранда Лончар во КСП Центар Јадро

Интерактивната stand-up претстава „Сите ќе умреме / Svi ćemo umrijeti“ на босанската комичарка Миранда Лончар, ќе се одржи на 16 декември – сабота, во КСП Центар Јадро.

Со почеток во 20 часот, изведбата ќе се занимава со темите на љубов, раѓање, политика и смрт.

„Претставата е прилагодлива и може да им се допадне на сите, но сепак најсилно ја чувствуваат луѓето кои многу страдале во текот на животот – поточно тие што сè уште страдаат, критички насочените поединци, образованите и емпатични луѓе. Значи, накратко, жени и геј мажи“, велат од Јадро.

Од таму посочуваат дека тонот и расположението на шоуто зависат од публиката и од општата атмосфера на вечерта. „Svi ćemo umrijeti“ е прослава на животот – дотолку повеќе што сите нè очекува смртта.

Миранда Лончар (р. 1976) доаѓа од Мостар, БиХ. Таа се занимава со stand-up комедија од 2008 година. Сака глупав хумор, но сепак да има некоја порака. Ја сака секоја публика, а омилена ѝ е онаа која гласно се смее: луѓе кои ширум ја отвораат устата, неоптоварени со својот изглед во моментот на напад на смеа. Комедијата во живо е игра на заведување за двајца, така што на крајот на вечерта и публиката и изведувачот се разголуваат низ смеа. Таа блискост ја возбудува г-ѓа Лончар, барем малку, затоа што веќе со години е во брак.