„Секоја работа надвор од уметноста е губење време“ – промоција на книга од Доротеј Нешовски

Промоцијата на уметничката книга „Секоја работа надвор од уметноста е губење време“ од уметникот Доротеј Нешовски ќе се одржи во среда, 26 јануари, со почеток во 20 часот.

Во КСП Центар Јадро, истиот ден, но од 11 до 21 часот,  публиката ќе може и да ја види и просторната инсталација на Нешовски, специјално направена за оваа прилика.

Од КСП Центар-Јадро објаснуваат дека цртежите во новата уметничка книга, која е нивно издание, се осврнуваат  на прашањата и мислите со кои уметникот се соочува во општеството, кое е поставено на начелата со дадени егзистенции на мисла и состојба.

Поголемиот дел од циклусот на цртежи претставени во книгата, Нешоски го создавал додека работел на штанд на Лотарија во еден скопски шопинг мол, посочуваат оттаму.

Како подлога за своите секојдневни записи, мисли и брзи кроки – скици, тој користи хартии од искористени игри на среќа како и други флаери и пропагандни материјали пласирани од разните корпорации.

„Овие цртежи се дел на стејтменот на личноста, изразена низ форми на медиум во кои се гради структурата на мојот визуелен јазик преку кој правам обид да ги разоткриам противречностите на современото општество. Во голема мера сакав да размислувам и да рефлектирам на позицијата на уметникот во општеството, предизвикот да се занимава со својата професија но и борбата за егзистенција која не приморува да правиме бројни компромиси. Дали ние во нашето општество се трудиме да ги разрешиме проблемите со којшто се соочуваме или се наоѓаме во ситуација на постојан status quo?”, објаснува Нешоски.

Доротеј Нешовски (1989, Скопје) е интердисциплинарен уметник кој се занимава со концептите за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија-публика-уметник чии интереси вклучуваат партиципативни активности, методологии на мапирањe и резонантност, вониституционално делување, истражувачки практики и детска едукација.

Од 2012 година тој е еден од основачите и член на уметничката група „ЅЕЕ“ со која има реализирано повеќе проекти. Нешовски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот за вајарство со под насока сценографија (2012 г.). Неговата книга „Уметноста не е тоа што сакате“, издание на Priaveteprint од Скопје, излезе од печат во 2017. Живее и работи во Скопје. Од 2015 Активно организира и конципира детски работилници во Детски Креативен Центар при МКЦ.