„Геолошки пресек 2“ – изложба на Давид Атанасоски

Во салонот Империјал 1 при Културно информативниот центар во Скопје на 10 мај од 20 часот ќе биде отворена изложбата на Давид Атанасоски насловена „Геолошки пресек 2“.

Атанасоски е роден во Прилеп, 1995 година. Завршил факултет за ликовни уметности Скопје во 2018. Член е на меѓународна организација за уметност и култура ,,Narrative Moments”.

„Разновидните материјали со специфични текстури, архитектонски елементи и конструкции претставуваат основни морфемски единици интегрирани во автономниот творечки јазик на академскиот скулптор Давид Атанасоски. Преку сложените слики-објекти, скулптури и ѕидни инсталации скулпторот го манифестира интересот за стратиграфијата и еволуцијата на Земјата, притоа „стратиграфските“ или „геолошките“ пресеци преминуваат во метафора за севкупната историја, мудрост и еволуцијата на човештвото.

Ѕидната инсталација насловена „Геолошки пресек 2“ ја сочинуваат многубројни конструктивни елементи со разни карактеристични својства и особености формирајќи комплексен „артифициелен пејзаж“. Во внатрешниот галериски простор на еден ѕид е поставена фотографија со претставата на густо подредени шумски стебла, печатена на долго хоризонатлно платно. Вертикално и рамномерно подредените отпадни дрвени даски со различни должини се поставени на спротивниот и напоредниот ѕид. Строго подредените и издолжени дрвени структури во просторот асоцираат на шумски стебла и истовремено сугерираат – стабилност, монументалност и возвишеност. Растојанието меѓу редуцираните асоцијативни структури и белата ѕидна површина создава илузија на длабочина и перспектива. Дијологот помеѓу ритмично поставените вертикални асоцијации и фотографскиот приказ на шумските стебла, создава компактна целина и предизвикува динамичност во амбиенталниот простор.

Преку сложените ахритектонски конструкции најчесто изработени од отпадни или рециклирани материјали, скулпторот Атанасоски прави споредба и ја нагласува симбиозата помеѓу живототворната креативна моќност на природата и антропогената творечка активност“, објаснува Викторија Димеска, историчар на уметност

Повеќе за изложбата на следниов ЛИНК.