„Spaces of oblivion“ – изложба на Александра Петрушевска Ристовска во „Мала Станица“

„Новата реалност нѐ соочува со децениски наталожуваните системски проблеми, нѐ исправа пред сознанието за кревкоста на општественото ткиво да се справи со новите предизвици, а тие бараат колективни решенија“, се вели во соопштението за изложбата „„Spaces of oblivion“ на Александра Петрушевска Ристовска.

Иложбата ќе се одржи во „Мала станица“, а за јавноста ќе биде отворена од 6 мај до 1 јуни.

„Изложбата насловена „ Spaces of oblivion“ е резултат на подолготраен истражувачки процес започнат во 2017 година и претставува прво самостојно претставување на Петрушевска од 2013 година. Овој циклус се состои од шеесетина слики во различен формат, работени во техника акрил на платно, како и дигитални слики, работени врз фотографска предлошка. Заедничко за сликите од овој циклус е тоа што на нив се претставени ентериери, внатрешните простори на јавни институции, кои припаѓаат на модерната архитектура во Скопје, објекти изградени во 1970-тите години“, вели во својата критика Владимир Јанчевски.

Тој се надоврзува дека во последната деценија евидентен е зголемениот интерес за специфичните архитектонски и споменични остварувања на југословенскиот социјалистички модернизам. Но, најчесто фокусот бил на надворешната форма и фасадите, а помалку на внатрешниот простор и неговата состојба денес. Поточно, каква е самата атмосфера во институциите, како ги паметиме и што нѝ открива тоа, запрашува тој.

„Александра Петрушевска Ристовска уште од самиот почеток се наметна како сериозна авторка, и во континуитет го докажува со нејзиното присуство на уметничката сцена во текот на 15 години, со една специфична ненаметлива суптилна ангажираност. Тоа што беше евидентно и во нејзините претходни дела и циклуси , таа го потврдува и со нејзиниот последен сликарски проект“, нагласува Јанчевски.

Александра Петрушевска Ристовска е ликовен уметник и педагог, живее и работи во Скопје. Самостојно изложува од 2005-та година. Во уметничката практика употребува традиционални и интердисциплинарни техники преку кои ја изразува визуелната и симболична трансформација на просторот. Ги истражува формите на внатрешните ентериери фокусирајќи се на деталите, контрастите и боите. Ристовска учествува на меѓународни и регионални проекти од областа на визуелните уметности и добитник на неколку меѓународни награди и резиденции во областа на културата и уметноста.